вторник, 14 април 2026

Редок вид јагуар забележан по 10 години во планините на Хондурас (ФОТО)

Скриени камери снимија „облачест“ јагуар високо во планините Мерендон во Хондурас, што е прв пат големата мачка да биде забележана во областа по повеќе од една деценија.

Фото: Пиксабеј

Објавено на

часот

Сподели

На сликите на организацијата за заштита на диви мачки „Пантера“ се наоѓа осамен мажјак, снимен на 6 февруари, на околу 2.200 метри надморска височина, во пошумена област. Тоа е позитивен знак за централно-американската земја, која се обидува да се справи со заштита на животната средина.

Јагуарите изгубиле 49 проценти од своето историско подрачје во Америка, според податоците на Меѓународната Унија за заштита на природата (ИУЦН). Најголемата популација живее во Амазонија, но сите останати популации се класифицирани како загрозени или критично загрозени.

Во Хондурас јагуарите се заштитени животни, но и покрај тоа им закануваат разни опасности.

Владата на Хондурас се обврза да го ограничи уништувањето на шумите до крајот на деценијата, како и да обнови 1,3 милиони хектари шума. Планот за нулта сеча на шумите до 2029 година прогласи еколошка вонредна состојба за заштита на шумите и дивиот свет, со ангажирање на 8.000 војници за спречување на нелегални земјоделски активности и сеча на шуми.

Дополнителен проблем е и прекумерниот лов на животните со кои се храни јагуарот, како што се елени, пекари (животни слични на свињи) и игуани, што директно влијае врз неговото снабдување со храна.

Проблем со храната и живеалиштето

Сепак, во планинскиот венец Мерендон постојат знаци на напредок на еколошки план. Планинската шума, заедно со другите таканаречени „облачни“ шуми на Хондурас, е заштитена од 1987 година, кога беше препознаена нивната важност како витални вододелници за соседните заедници.

„Тогаш не знаеле, но сега знаеме дека заштитиле и исклучително важно живеалиште за јагуарите“, истакна Кастанеда.

И покрај тоа, нелегалните активности и губењето на биодиверзитетот не се целосно искоренети, а во последните години организацијата „Пантера“ и нејзините партнери го засилиле надзорот, вклучувајќи патроли на ренџери, поставување дополнителни скриени акустични монитори и камери. Развиена е и програма за повторно воведување на видови со кои се храни јагуарот. Од „Пантера“ наведуваат дека криволовот е намален, а заштитата и обновата ја направиле шумата попогодна за големите мачки.

„Се чини дека гледаме подобрување кога станува збор за големите мачки воопшто“, рече Кастанеда.

Пумите почнале да се враќаат пред пет години

По 17 години следење, во 2021 година за првпат биле регистрирани пуми во набљудуваното подрачје, а оттогаш се забележани повеќепати.

Повеќето јагуари живеат под 1.000 метри надморска височина, а „облачестите“ јагуари се исклучително ретки. Забележани се само неколку, вклучувајќи во Костарика и Мексико. Не е познато дали ова е резултат на ново однесување на животните, односно премин на нова територија, или нешто што истражувачите претходно не го забележале поради оддалеченоста на подрачјата на големи надморски височини, објасни д-р Алисон Девлин, директорка на програмата за јагуари во „Пантера“.

Високите планини на Хондурас се подрачје низ кое јагуарите минуваат

Во Хондурас се забележани само три појавувања на јагуари на големи надморски височини, од кои последното било во 2016 година.

Кастанеда го нарече новото забележување „одлично“, наведувајќи дека планината на која е регистрирана оваа голема мачка била под надзор во последните 15 години, а континуирано во последните 10 години.

Јагуарите не се врзани за едно подрачје, податоците од Хондурас покажуваат дека можат да поминат 10 километри во една ноќ, а постојат и документирани случаи на единки кои поминале дури 400 километри во близина на границата меѓу САД и Мексико, изјави Кастанеда.

Планинскиот венец Мерендон нема постојана популација на јагуари, а младиот мажјак веројатно се движел по коридор за диви животни од источен Хондурас до Гватемала во потрага по женки, претпостави Кастанеда.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ