Ракавици, крзнено палто и маска на мечка – вака изгледа униформата на вработените во здружението за заштита на животните во Сан Диего кои се грижат за младенче од црна мечка кое остана без родители.
Мечето, кое имало речиси два месеци кога било посвоено, е најмладата црна мечка за која организацијата некогаш се грижела, според Оутум Велч, менаџер за операции за диви животни на Друштвото и еден од вработените кои се грижат за мечето.
„На таа возраст би бил со мајка му по 24 часа и не би смеел да го напушти дувлото. Сигурно нема да може да преживее сам во дивината, па ќе биде во прифатилиште околу една година“, изјави Велч.
Целта е младенчето на крајот да се врати во дивината, а костимите на мечките што ги носат треба да го намалат ризикот младенчето да се навикне на луѓето.
Но, дали костимите навистина можат да го убедат младенчето дека други мечки се грижат за него?
Според Велч, можат. Тие неодамна спровеле тест, и кога влегле во неговиот простор без костуми за да видат дали младенчето ги препознава како луѓе, тоа се исплашило и се качило на дрво.
Вработените носат вистински крзнени палта кои им биле донирани, а за да бидат уште поверодостојни, ги чуваат во затворени контејнери со сено добиено од локално прибежиште за диви животни во кое се сместени и мечки. Велч објаснува дека сеното му помага на крзното да добие мирис на црна мечка.
Заедно со мечињата, кафезот на младенчето е исполнет и со донирано крзно, сено со мирис на црна мечка, дрвја и многу места за искачување и криење што имитираат дувло.
Мечето спие и се крие под едно од поголемите мечиња, за кое Велч мисли дека го доживува како своја мајка.
„Ова големо кадифено мече му пружаше утеха. Кога не бевме во близина, тој бараше засолниште до него, одмараше до него, дремеше и се гушкаше“, објаснува менаџерката.
Исто така, вработените го учат младенчето на вештини што би го научила и неговата мајка, како што се качување, наоѓање инсекти за јадење и градење гнездо.
Истата стратегија на носење маски додека се грижеле за младите диви животни во резерватот била користена и при хранење со шише бебиња ракуни и којоти. Тие нагласуваат дека тоа е многу важно бидејќи младите диви животни се многу подложни на влијанија.