среда, 29 април 2026
Пресуда на Основниот кривичен суд Скопје

Затвор од 26 години и 10 месеци добија Штекли и неговата група која за 100 евра продаваше грам кокаин низ Скопје

Раде Трајковски Штекли доби затворска казна од 8 години, а останатите тројца членови на организираната група која се бавела со нелегална трговија со дрога, добија, тројца по 5 години и еден доби затвор од 3 години и 10 месеци. Ова е одлуката на Основниот кривичен суд Скопје кој денес ја изрече за кривичното дело нелегална трговија со дрога за групата на Штекли на која и се судеше речиси цела година.

Објавено на

часот

Сподели

Обвинетите Стефан Китанов, Александар Вучевиќ и Филип Таневски добија казна затвор од по 5 години, а обвинетиот Стојан Миланов доби казна затвор од 3 години и 8 месеци.

На оваа првостепени пресуда странките имаат право на жалба во рок од 15 дена по приемот на одлуката во писмена форма.

“Постапката започна пред 9 месеци и имаше континуиран тек и беа почитувани сите процесни права. И доказите изведени во текот на постапката само ја зацврстија одлуката на судот. Морам да потенцирам дека сите странки во постапката беа коректни. Кокаин и марихуана беа пуштени во неовластена продажба. Доказите беа јавно изведени, а ПИ-мерките го покажаа начинот на кој дејствувала групата. Биле мотивирани од брза и лесна заработувачка на пари“, посочи судијата Илија Трпков кој ја води оваа постапка.

Тој образложи и дека во станови во  Скопје се продавала дрогата, а се пакувала на грамови. Цената била од 4.000 до 6.000 денари за грам кокаин, а парите групата ги давала на Штекли, а тој за тоа им давал награда.

Првично во случајот беа опфатени 16 лица, од кои седум склучија спогодба и добија затворски казни од 3 до 3,5 години, додека четворица признаа вина и постапката за нив беше раздвоена.

Според обвинението, групата дејствувала во периодот од јануари 2024 до јануари 2025 година и била добро организирана, со јасно дефинирани улоги – од набавка до продажба на кокаин и марихуана. Обвинителството тврди дека првообвинетиот Раде Трајковски-Штекли се јавува како организатор и координатор, кој бил во контакт со лица од странство и домашни посредници за првична набавка на кокаин, давајќи насоки и упатства за проширување на мрежата.

На почетокот на судскиот процес првообвинетиот Раде Трајковски-Штекли изјави дека не го разбира обвинението, а другите обвинети се изјаснија дека не се чувствуваат виновно. Одбраната на Трајковски истакна дека ќе докаже оти тој не формирал, ниту организирал криминална група и дека не постојат докази дека давал инструкции посочувајќи дека наводите на Обвинителството се базираат на претпоставки.

 

 

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ