„Наместо да објасни зошто клучниот енергетски проект за енергетско поврзување со Албанија беше блокиран со години, ДУИ повторно избира да шири дезинформации и политички конструкции. Вистината е многу поедноставна и многу понепријатна за нив. Проектот што денес го напаѓаат беше во состојба на практично целосен застој, со реализација од само 4% во период од четири години. Кога Вреди ја презеде одговорноста, договорот веќе беше истечен, без реални предуслови за негово продолжување и без каква било градежна активност на терен. ДУИ ќе одговара за криминал и кочење на проектот“, порачуваат од Вреди.
Во соопштението на Вреди се упатуваат прашања на кои очекуваат одговор од ДУИ, токму на темата – МЕПСО.
„ДУИ ќе треба да одговори зошто нивниот партиски член, Нефи од Охрид беше главен подизведувач на проектот кој служеше само за испумпување на пари од МЕПСО.
ДУИ ќе треба да одговори како тоа опремата за овој проект се наоѓаше во магацините на Нефи од Охрид.
ДУИ ќе треба да одговори дали парите кои се испумпуваа од овој проект завршуваа во личните џебови на Али Ахмети и Бујар Османи.
Ако ДУИ не одговори, има кој – ќе одговори Јавното обвинителство“, велат од Вреди.
Притоа се појаснува дека наместо изградба, со години се воделе преговори за дополнителни финансиски барања.
„Беше побаран анекс од речиси 50% од вредноста на договорот, односно близу 8 милиони евра повеќе, што е спротивно на договорните услови и на секоја економска логика. Дополнително, постојат евиденции за еднострано напуштање на градилиштето од страна на изведувачот, како и условување со нови финансиски барања веднаш по склучувањето на договорот, кој и самиот бил добиен по нереално ниска цена.
Во меѓувреме, државата плаќала камати за кредит уште од 2015 година, без проектот да се движи напред. Според интерните анализи и физибилити студијата на МЕПСО, секоја година незавршен проект генерира загуби од околу 5 милиони евра. Тоа значи дека вистинската штета не е онаа што денес ја злоупотребува ДУИ во својата реторика, туку штетата што се создаваше со години поради нивната неспособност и погрешни одлуки.
Одлуката за раскинување на ваков нефункционален договор не е политичка, туку институционална и логична. Таа не е донесена импровизирано, туку по детална форензика и длабока анализа на целиот проект, во согласност со правилата на Европската банка за обнова и развој и меѓународните процедури. Дополнително, ваква одлука постоела и од претходниот менаџмент, што само го потврдува континуитетот во оценката дека проектот бил поставен на погрешни основи“, се наведува во соопштението на Вреди.
Покрај тоа, укажуваат дека обидите на ДУИ да ја претстават постапката пред ДАБ (DAB) како извршна одлука се свесна манипулација.
„Станува збор за предарбитражен механизам, кој не претставува правосилна одлука и во кој државата има целосно право да ги искористи сите правни средства за заштита на своите интереси. Да се пласира ова како ‘конечна штета’ е намерно создавање паника и дефокусирање од суштината. Да потенцираме, арбитражата е инстанца за решавање на вакви спорови, а таму предметот ќе биде решен во корист на државата и буџетот на граѓаните.
Во однос на изборот на новиот изведувач, станува збор за компанија како Далековод д.д. , која е докажан европски субјект, со повеќедецениско искуство, листирана на берза и дел од индустриската групација Кончар груп. Компанијата реализира проекти во повеќе од 80 држави и работи на најстрогите европски пазари, вклучително и Скандинавија, каде што техничките стандарди се највисоки. Таа соработува со водечки оператори како Statnett, Svenska Kraftnät и TenneT, што ја прави гаранција за квалитетна реализација“ одговараат од Вреди на обвинувањата од соопштението на ДУИ.
Притоа порачуваат дека разликата денес е јасна – во време на оваа влада, проектот кој беше практично „мртов“ конечно започнува да се реализира и ќе биде завршен.
„Единственото енергетско поврзување што ДУИ не успеа да го изгради за 20 години, денес станува реалност. Овој криминален договор беше склучен во нивно време. Застојот беше резултат на нивното управување. Штетите се акумулираа поради нивната неспособност. Затоа, истрагата што ја бараат е повеќе од добредојдена. Ќе треба да ја добијат. Затоа што токму таа истрага ќе ги извади на виделина сите ваши криминалии. А граѓаните веќе гледаат кој блокираше и кој гради. ДУИ може да лаже и да инсинуира колку сака. Но вистината е една. ДУИ ги блокираше проектите од интерес на Албанците во Македонија, ниту се градеше енергетско поврзување со Албанија и Косово, ниту се градеше коридор 8, ниту се градеше премин кон Косово. Вреди – гради“, ги наведуваат од Вреди своите контрааргументи на обвинувањата од ДУИ.






