„Денешниов настан го посветивме на прашање од суштинско значење за демократските процеси – унапредувањето на изборната регулатива, со посебен фокус на платеното политичко рекламирање (ППР) и улогата на новите медиумски актери-инфлуенсерите“, посочи директорот на АВМУ, д-р Зоран Трајчевски.
На отворањето на настанот се обратија и Џевахире Пруси Зајази, национален офицер за програма во Амбасадата на Швајцарија, која меѓу другото говореше и за правилата и принципите поврзани со платеното политичко рекламирање во Швајцарија, како и Тоби Ошилаја, втор секретар за безбедност и програма во Амбасадата на Обединетото Кралство кој ја потенцираше важноста на унапредувањето на демократските процеси, транспарентноста и фер натпреварот во изборните кампањи.
Марина Трајкова од АВМУ ги сподели податоците од Анализата на објави на инфлуенсер(к)и, во која се опфатени содржините што овие субјекти ги објавуваа на Фејсбук, Инстаграм и ТикТок за време на првиот круг од кампањата за изборите. Со анализата се опфатени 53 профили избрани согласно критериумите од Правилникот на АВМУ, со вкупно 810 објави, од кои 502 објави на албански јазик, а 308 објави на македонски јазик. За клучните наоди од мониторингот на АВМУ за ППР на изборите, информираше м-р Виктор Стојанов од АВМУ, посочувајќи дека четирите коалиции закупија речиси 90% од рекламното време на радијата и телевизиите, оставајќи минимален простор за останатите учесници. За ППР на радијата и телевизиите беа потрошени вкупно 3.135.582 евра, од кои 2.000.000 евра беше уделот на националните телевизии.
На настанот беа споделени и податоци од мерењето на гледаноста на ППР на 5 национални телевизии – Канал 5, Сител, Телма, Алсат-М и Алфа за време на кампањата за Локалните избори 2025. Како што истакна м-р Емилија Петреска Камењарова од АВМУ, спотовите за ППР беа емитувани во програмата вкупно 12.938 пати, со траење од 572.994 секунди и беа погледнати 579.328.261 пати. Во продолжение, д-р Магнус Оман од Меѓународна фондација за изборни системи презентираше меѓународни компаративни пристапи кон регулирањето на ППР и кампањите од трети страни, меѓу другото правејќи паралела помеѓу правилата кои важат во периодот на избори во различни држави од Европската Унија.
Во рамки на настанот беше отворена дискусија со претставници на институции, медиуми, инфлуенсери, граѓански организации и меѓународни организации за можните насоки за унапредување на изборната регулатива и медиумското претставување во изборните кампањи.






