Претставувајќи ја Реформската агенда и постигнатото, заменик министерката за европски прашања Трајков на тркалезната маса рече:
„Патот до ЕУ како што знаеме не е лесен, но за нас е единствен. Тој пат бара од нас да ја покажеме силната желба и детерминираност дека ние не само географски, туку и природно-припаѓаме во ЕУ. Мора да покажеме дека нашиот долгогодишен сон сакаме да стане јаве и тоа час поскоро“, смета Трајков.
Таа нагласи дека нашата држава е првата земја од регионот која ги доби средствата за предфинансирање во рамките на Инструментот за реформи и раст на Европската комисија во висина од 52,4 милиони евра, од вкупно 750 милиони евра колку е предвидено да се алоцираат за нас согласно Планот за раст.
Таа појасни дека во годишниот извештај за имплементацијата на Реформската агенда што е доставен до Европската комисија е даден јасен и детално разработен приказ за досегашните конкретни постигнувања, мерливи резултати и амбициозни планови за следниот период.
„Интензивно се работи и на реализација на чекорите за периодот до јуни годинава, поточно 16 чекори, со вредност од околу 70,6 милиони евра. Овие чекори предвидуваат активности во важни области како што се подобрување на кибер-безбедноста, целосна транспозиција на европските директиви за енергетскиот пазар, усвојување на нов Закон за електронски комуникации, подобрување на управувањето со електронски документи и архивски материјали, како и зголемување на бројот на инспекции на пазарната и трудовата инспекција со фокус на градежништвото, туризмот и земјоделството, понатамошни реформи во правосудниот сектор…“, истакна Трајков, додавајќи дека во наредниот период, покрај спроведувањето на реформите од Реформската агенда, фокусот e ставен и на формирање на национална структура за мониторинг, известување и евалуација. Таа потенцира и дека е развиен и План за комуникација и видливост во врска со помошта на Европската Унија за Македонија согласно Инструментот за реформи и раст којшто има за цел да ги приближи придобивките од Инструментот за реформи и раст до граѓаните и сите засегнати страни.