сабота, 14 февруари 2026
Ново рочиште за трагедијата во Кочани

Сведоштво на преживеан од пожарот во Пулс: Од концерт на ДНК, до кома со изгорени дишни патишта

Во судницата во Идризово денес со сослушување на сведоци продолжи судењето за трагичниот пожар во дискотеката „Пулс“. Пред судот исказ даде и сведокот Петар Марковски, кој кобната вечер бил гостин во дискотеката за време на концертот на групата ДНК.

Објавено на

часот

Сподели

Марковски изјави дека седум години редовно ја посетувал дискотеката Пулс и дека со друштвото заминале на концерт бидејќи, како што рече, „ДНК ги сакавме сите“. Во дискотеката пристигнале околу 12:45 часот, а билетите ги купиле од Тодор, братот на сопственикот Дејан, кој, според сведокот, секогаш бил задолжен за продажба на карти, а кој е обвинет во постапката.

На влезот, како што посочи, имало обезбедување, а тоа биле Лазар Захариев, Мартин Ѓорѓиев, Ивица и уште едно лице, сите означени како обезбедување. Тие проверувале лични карти и ставале печати на рака на оние што купиле билети. Нему лична карта не му побарале бидејќи го познавале. Според Марковски, обезбедување во дискотеката секогаш имало.

Сведокот посочи дека постоел и излез на задната страна, лево од бината, кој во претходните години бил функционален, но по реновирањето бил покриен со сепариња и не бил видлив. Кобната ноќ, како што рече, не видел никој да влегува или излегува од таа врата, иако слушнал дека се користела за малолетници. Потврди дека вечерта имало многу гости, меѓу кои и малолетници.

Марковски сведочеше дека и во претходните години во Пулс се користела пиротехника, прскалки, исто како и вечерта на концертот. Сѐ било регуларно сѐ додека не се вклучиле прскалките, по што, како што опиша, почнал да гори плафонот и настанала паника. Луѓето почнале да бегаат кон излезот, а пожарот се ширел со огромна брзина.

„Мислам дека целиот плафон беше обложен со сунѓер, бидејќи и претходно се гледаше, и затоа огнот се ширеше многу брзо“, изјави сведокот.

Во хаосот и стампедото, тој се онесвестил. По неколку минути го разбудило девојче, а врз него имало уште тројца онесвестени лица. Бидејќи бил заглавен под нив, ги соблекол патиките за да може да стане и да продолжи кон излезот.

Откако излегол, неговите другари викале по него барајќи помош, бидејќи еден од нивните најдобри пријатели лежел на паркингот пред дискотеката. Марковски сведочеше дека истовремено им помагал и на други лица на кои им била потребна помош, по што се упатиле кон болницата, каде што владеел хаос. Бидејќи имал обука за прва помош, останал во болницата до рано наутро.

Причината за неговото онесвестување, како што рече, била екстремната топлина и густ чад со мирис на изгорена пластика. Наведе дека на влезот и излезот од Пулс имало ознаки, како и на задната врата, но тие не биле видливи поради поставените сепариња.

Сведокот изјави и дека за време на пожарот Дејан, сопственикот на дискотеката, а обвинет во постапката, се качил на бината и се обидел да го изгаси огнот со противпожарни апарати. Поради повредите, Марковски бил лекуван во Словенија, каде што, како што рече, белите дробови му биле целосно зацрнети, а дишните патишта изгорени. И денес има последици – намален капацитет на дишење.

„Додека можев да дишам, помагав во болницата, но следниот ден состојбата ми се влоши, бев префрлен во болница и потоа западнав во кома“, изјави сведокот, додавајќи дека имало и други вечери кога во дискотеката имало повеќе гости отколку критичната ноќ.

Дејан Манасиев пак, кој работел како шанкер во дискотеката Пулс од самото отворање во 2012 година кажа дека персоналот работел без договори, немале никаква обука за заштита од пожари, а кобната вечер голем дел од вработените не успеале да излезат живи.

Манасиев, кој се бори со тешки здравствени последици и намалена сатурација, истакна дека наредбите ги добивале директно од газдата Деко, вработените немале никаква обука за заштита при работа и не бил сигурен дали воопшто имало хидранти, освен неколку противпожарни апарати.

Манасиев низ солзи раскажа за загубата на колегите.

„Од вработените таа вечер само Анастасија преживеа. Починаа другите шест-седум“, рече тој.

Самиот тој претрпел сериозни повреди на дишните патишта, лекувајќи се во Штип, Скопје и девет дена во Грац, Австрија. Последиците ги чувствува и денес.

„Сега повторно ми е падната сатурацијата после 10 месеци, падната ми е на 65 проценти“, рече откри сведокот.

Тој не се приклучува кон кривичниот прогон, но ќе бара отштетно побарување.

Третиот сведок, рече дека вечерта на пожарот бил излезен во друг кафич, а бил во дискотеката Пулс на кратко за да се види со еден од членовите на бендот.

„Кога бев таму не видов да поставуваат пиротехника или нешто такво. Од таму се вратив во кафичот Гинис, и откако заврши тоа таму, пак околу 2 часот се вратив во дискотеката со пријател и неговите две деца“, рече сведокот.

Кога се вратил во дискотеката, сведокот рече дека не купил карта, додека за тие со него не е сигурен.

„Обезбедувањето потоа на влез мислам не праша за билет, ама јас му реков во ред е и продолжив. Влегов не ме застана. За другите не знам“, рече сведокот.

Прашан дали децата на неговиот пријател биле легитимирани на влез, сведокот рече, не се сеќава, ама мисли дека не, зошто, како што рече, „беа со родител”.

„Кратко отакако влеговме на една од песните беа активирани, мислам две, ама не сум сигурен прскалки. После забележавме дека нешто гори и тој на микрофон рече ‘Дејан, Дејан, овде нешто се запали’, но огнот брзо се рашири и мислам по две-три, па и пет минути Панчо во паника на микрофонот пак рече да се повлечеме надвор и дека ќе се вратиме за десет минути“, појасни сведокот.

Прашан дали некој од присутните се обидел да го изгаси огнот, сведокот рече првично не, но потоа на снимки го видел Виктор Јорданов како го гаси пожарот со ПП апарат.

Според него, повеќето гости не многу сериозно ја сфатиле ситуацијата и многу бавно се движиле.

„Освен Панчо не сум слушнал некој друг да рече да излеземе. Сите се упативме кон излезот, ама јас не можев да излезам зошто имаше толпа. Мене ми беше заглавена ногата. Го видов другарот Петар, исто заглавен позади мене. Тогаш не, ама после ми кажа дека тој своите деца ги спасил така што ги истуркал напред. Јас не се сеќавам како точно излегов, дали сам или некој почна да ги вади луѓето, па се одглавив“, изјави сведокот.

Кога излегол сведокот, рече дека бил свесен, по што со автомобил се упатил во болницата во Кочани.

„Таму беше хаос и ја викнав сопругата да одиме за Скопје. Од Систина не пратија во Градска. Мене дишењето ми беше се потешко и ме ставија на респиратор. Од таму бев пратен на лекување во Полска, каде бев 24-25 дена“, појасни тој.

Сведокот рече дека вечерта кога настанал пожарот во дискотеката имало полиција, која била во униформа.

„Полицијата влезе многу кратко пред да настане пожарот, дури Панчо мислам дека и ги поздрави дека влегле“, изјави сведокот.

Во дискотеката, сведокот претходно како ди-џеј, од нејзиното отворање 2012, па се до 2017-18 година, во кој период, како што рече имал околу 100 настапи.

Настапувал хонорарно и немал склучен договор, а настапите, како што рече, ги договарал со газдата Деко.

Сведокот преднајави оштетено побарување и дека се приклучува кон кривичниот прогон.

К.Д.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ