„Нашата примарна, суштинска мисија е преку силни, економски стабилни и модернизирани општини да создадеме реална, опиплива перспектива за нашиот народ. Ова не е само политичка цел, ова е нашата најважна битка – битката за нашите граѓани, за нашите млади генерации.
Во остварувањето на оваа визија ниту една средина нема да остане заборавена. Свесен сум дека силни градови нема без развиени и живи рурални средини, затоа мој силен приоритет ќе биде вистински, праведен и рамномерен регионален развој. Помалите и руралните општини мора и ќе ја добијат потребната системска и финансиска поддршка од државата. За таа цел, посебен фокус ќе ставиме на максимално и посветено искористување на европските фондови и програмите за прекугранична соработка. Овие средства ќе ги насочиме директно таму каде што се најпотребни – за модерни патишта, чиста вода за пиење, нови градинки, современи училишта и еколошки проекти. Целта е едноставна: достоинствен живот за секој граѓанин, без разлика дали живее во центарот на главниот град или во најоддалеченото македонско село.
Оваа доверба од претседателот и од народот ја прифаќам со максимална сериозност. Владата, градоначалниците, локалните лидери, но пред сè граѓаните, во мене ќе имаат искрен сојузник, отворен партнер и неуморен работник, кој нема да се штеди за остварување на овие стратешки цели. Вратите на ова министерство ќе бидат ширум отворени за секоја добра идеја и за секој што сака да придонесе за подобра иднина на локалните самоуправи и граѓаните.
ЗАБРЗУВАМЕ со напорна, чесна и отчетна работа, на терен – уште од првиот миг“, напиша Стоилковиќ.