среда, 1 јули 2026

Истакнати членови на СДСМ со нова платформа за смени во партијата, Филипче веднаш со напад

„Разговори за иднината во 12:05“ беше насловот на денешната дебата на која учествуваа универзитетски професори, актуелни пратеници, адвокати, граѓански активисти, лекари, поранешни функционери на СДСМ и актуелен градоначалник. Состанокот на иницијативата која бара сериозни промени во македонскиот опозициски блок се одржа зад затворени врати. Актуелниот претседател на СДСМ Венко Филипче веднаш се препозна и отворено ја нападна оваа иницијатива.

Објавено на

часот

Сподели

Средбата ја модерираше поранешниот пратеник на СДСМ и универзитетски професор Игор Ивановски. Меѓу присутните беа Андреј Петров, Гордан Георгиев, Емилијан Станковиќ, Александар Бајдевски, пратеничките Славјанка Петровска и Моника Зајкова, градоначалникот на Крива Паланка Сашко Митревски, адвокатите Звонко Давидовиќ и Валентин Пепељуговски, универзитетските професори Ненад Марковиќ и Предраг Трпевски, како и поранешни функционери и директори блиски до СДСМ, меѓу кои Милена Стевановиќ и Стојко Пауновски. Учествуваа и Љубомир Гајдов, Ивор Мицковски, Ема Нешковска, Костадин Ацевски, Драган Анастасов, Диме Велковски, Коста Начевски, Насе Насев, Бојан Столевски, Митко Андреевски, Милена Цветановска, Сретен Богоевски и Горан Стојковски – Диро, кој не беше физички присутен, туку со писмено обраќање.

Организаторите на дебатата соопштија дека „прогресивната демократска јавност има потреба од суштинска, објективна дебата, која, за да ја погоди целта, мора да биде ослободена од вообичаената потреба за допадливост кон партиските авторитети. Граѓаните денес живеат во реалност на неефикасна власт која за наводен политички противник си избира виртуелна опозиција. Сите истражувања на јавното мислење укажуваат дека македонската политичка сцена нуди, на едната страна силна владејачка партија и коалиција, а на другата страна смислено фрагментирана опозиција. Опозицискиот простор не се пополнува со нови партии, туку со идеолошка и вредносна (р)еволуција“.

Според иницијативата, на Македонија ѝ е потребен нов општествен договор како основа за создавање широк опозициски потенцијал за промени. Демократските процеси продолжуваат во насока на изнаоѓање одржливи и спроведливи решенија за иднината, соопштија организаторите. Иницијативата нема за цел формирање нова политичка партија, туку отворање простор за нова демократска дебата за иднината на државата и на опозициското делување.

Од иницијативата посочуваат дека „Разговори за иднината во 12:05“ е нова демократска платформа за подигнување на нивото на општествената дебата, а времето на часовникот е симболична порака дека веќе е доцна, но да не де дозволи да стане предоцна за Македонија.

На дебатата најбројни беа актуелни опозициски вршители на јавни функции и истакнати припадници на различни генерации на СДСМ. Учествуваа и влијателни граѓански активисти кои никогаш не биле членови на политички партии.

Претседателот на СДСМ Венко Филипче веднаш ја нападна новата политичка иницијатива „Разговори за иднината во 12.05“, велејќи дека „е фејк“.

„Ние знаеме што е ова. И знаеме зошто се прави. Постои Фронтот за вистина и правда. Сè друго е фејк. Наместо да одат на таков собир, нека го отворат фејсбук профилот на Латас, нека ја вклучат Алфа ТВ – таму имаат доволно ‘различно мислење’ кое секојдневно го труе народот со лаги, со измислени непријатели на Македонија, на идентитетот, јазикот и на културата“, рече Филипче во изјава за Дојче веле.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ