„Дрвјата биле бетонирани по грешка на изведувачот, а за ситуацијата веднаш реагираше и градоначалникот Шилегов кој вчера беше присутен на терен и ја координираше работата на службите што беа задолжени за експресната интервенција при ослободувањето на дрвјата. Со ослободувањето, сите дрвја на кејот сега се целосно заштитени и нема да имаат последици при нивното растење и развивање“, соопштија од Град Скопје.
Оттаму им се заблагодарија на граѓаните и невладините организации за алармантноста при грешката на изведувачот, а од страна на градскиот инспекторат бил направен и записник според кој изведувачот ќе биде казнет.

„Со реконструкцијата на кејот ‘13 Ноември‘ е опфатено целосно ново поплочување, патека за лицата со инвалидитет, високо зеленило – дрворед, поставување клупи, смарт клупи, корпи за џебен отпад, нови жардиниери за дрворедот, канделабри, рефлектори за осветлување и нови бетонски и електрични столбови заради реализација на забраната за паркирање и движење по кејот.
На новиот кеј ќе биде ослободено повеќе место за велосипедистите и пешаците преку целосно спречување на можноста за нелегално паркирање на овој простор и сериозно ограничување на протокот на возила“, порачуваат од Град Скопје.






