понеделник, 18 мај 2026

Сиљановска-Давкова – Пирц-Мусар: Почитувањето на меѓународното право е клучно за стабилноста и развојот

Иднината на Македонија е во Европската Унија (ЕУ). ​Ги поздравуваме досегашните реформски напори на државата и нивното усогласување со безбедносната политика. Словенија останува цврст и искрен поддржувач на проширувењето на ЕУ кон Западен Балкан. Веруваме дека тоа значи поголема безбедност, поголема политичка стабилност на регионот, побрз развој на државите од Регионот и појака и поповрзана Европа, порача денеска претседателката на Република Словенија, Наташа Пирц Мусар по средбата со претседателката Гордана Сиљановска-Давкова.

Објавено на

часот

Сподели

На заедничката прес-конференција, Пирц Мусар и Сиљановска-Давкова оценија дека билатералните односи меѓу двете земји се одлични. Словенија и Македонија, како што рекоа, изминатите три децении успешно ја развиваат соработката во економијата, културата, образованието, одбраната, полицијата,…, но има простор за нејзино продлабочување.

Предмет на разговорите на двете претседателки, освен билатералните односи и македонската европска интеграција, биле и актуелните геополитички состојби, како и безбедносната архитектура на Западен Балкан и улогата на НАТО, низ призма на заедничката посветеност кон мултилатералниот поредок и европскиот политички проект.

Сиљановска-Давкова укажала дека кредибилитетот и интегритетот на европската интеграција зависат од доследната примена на Копенхашките критериуми, врзани за владеењето на правото, институционална стабилност, човековите и малцински права, пазараната економија и способноста за извршување на обврските од членството.

„Најмногу се задржавме и одвоивме на европската иднина на Македонија. Словенија останува цврст и искрен поддржувач на ширењето на Европската Унија кон Западен Балкан. Веруваме дека проширувањето значи поголема безбедност, поголема политичка стабилност на регионот, побрз развој на државите од Западен Балкан и појака и поповрзана Европа. Иднината на Македонија е во Европската Унија. ​Ги поздравуваме досегашните реформски напори на државата и нивното усогласување со безбедносната политика. Знаеме дека се тешки чекорите за пристапните разговори, но ѝ нудиме поддршка на Македонија. Словенија и во иднина ќе ѝ стои на располагање на Северна Македонија со пренос на знаење и техничка помош, особено во областите на реформи во јавната администрација и јавните финансии“, нагласи Пирц Мусар.

Според неа, денешните разговори потврдија дека меѓу државите постои големо ниво на доверба и заедничка желба за натамошно продлабочување на одличните билатерални односи.

„Станува збор за посета на пријателска држава со која Словенија ја поврзуваат блиски, искрени и долгогодишни односи. Посебно внимание во разговорите посветивме на економската соработка. Македонија останува важен и перспективен партнер на словенечкото стопанство, словенечката економија. Вкупната трговска размена во 2025 година достигна 442 милиони евра, што го потврдува позитивниот тренд за натамошен пораст. Големи можности гледаме, пред сè, во земјоделството, обновливите извори на енергија, дигитализацијата, еко и бањскиот туризам.  За натамошно зајакнување на економската соработка, клучно е да се обезбедат стабилна и предвидлива деловна средина на двете страни, правна сигурност на инвеститорите, ефикасна и правична административна и судска постапка, како и транспарентна регулаторна рамка“, напомена словенечката претседателка. ​

На средбата станало збор и за состојбите во регионот, како и за пошироките меѓународни прашања. ​

„Се согласивме дека дијалогот, почитувањето на меѓународното право и конструктивните односи меѓу државите се клучни за мирот, стабилноста и развојот. Словенија доследно се залага за почитување на меѓународното право и принципите на повелбата на Обединетите нации. Во таа насока, го нагласив значењето на транспарентниот и ексклузивен процес за избор на нов генерален секретар на Обединетите нации. Овој избор е од особено значење, бидејќи гледаме силна меѓународна поддршка да се избере жена за генерален секретар. Се согласивме дека навистина е крајно време во богатата, повеќе од 80 години долга историја на Обединетите нации, конечно да се случи и тоа – во својот прв говор да ни се обрати госпоѓа генерална секретарка на оваа организација“, рече Пирц Мусар.

Сиљановска-Давкова нагласи дека посетата на Словенија се реализира кога двете држави одбележуваат 35 години независност.

„Но, јас веќе реков дека за мене има и лична димензија, бидејќи моето докторско академско искуство е врзано за Љубљана. Затоа Словенија многупати ја нарекувам моја втора дежела. Неспорно е дека Словенија е наша пријателска држава, но Словенија е и инспиративен пример за тоа како мала држава со стабилни институции, со владеење на правото и демократска партиципативна политичка култура успешно гради функционално и интегрирано европско општество. ​Денеска потврдивме дека билатералните односи ни се одлични, но има потенцијал за продлабочување на соработката во економијата, образованието, науката, културата и туризмот. Се разбира, иако Словенија е меѓу најзначајните инвеститори кај нас, особено во енергетиката и во зелената транзиција, мислам дека има простор за уште повеќе инвестиции и трговска размена. ​Сакам да потенцирам дека директната авионска линија Скопје – Љубљана, со која допатував, дополнително ќе придонесе за релативизирање на далечината, односно за зголемување на близината“, подвлече македонската претседателка.

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, која престојува во официјална посета на Република Словенија, денеска во Љубљана беше пречекана со највисоки државни и воени почести од словенешката претседателка, Наташа Пирц Мусар. По тет-а-тет средбата, следуваше пленарен состанок на македонската и словенечката делегација.

Во рамки на посетата, Сиљановска-Давкова ќе оствари средба и со претседателот на Државниот збор на Република Словенија, Зоран Стевановиќ. Предвидено е претседателката да положи венец пред Споменикот на жртвите од сите војни и жртвите поврзани со војните. Таа вчера ја посети Македонската православна црква „Св. Климент Охридски“ во Љубљана и оствари средба со членовите на Сојузот на Македонските културни друштва и Црковните одбори. Се сретна и со македонски иселеници кои работат во областа на науката, културата, медицината.

Претседателката Сиљановска-Давкова вчера попладне одржа состанок со членовите на Македонско-словенечкиот бизнис клуб, додека во Крањ го посети Македонското културно друштво. Утре ќе одржи предавање на Правниот факултет во Љубљана на тема: „Уставни трансформации на патот кон ЕУ: Реформи или уставен инженеринг?“. 

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ