„Наместо ветената ‘строга фискална дисциплина’, Владата предлага дефицит од 3,5% од БДП и со тоа повторно директно го прекршува фискалното правило утврдено во Законот за буџети, кое поставува лимит од 3%. Не станува збор за дисциплина, туку отстапување од законската рамка што ќе ја платат граѓаните и економијата.
Особено е проблематично што Владата, буџетската рамка од 374,7 милијарди денари приходи и 413,9 милијарди денари расходи ја нарекува „развојна“, а истовремено ги намалува капиталните инвестиции.
Со предлог-буџетот за 2026 година тие се планираат на 40,5 милијарди денари – речиси 7 милијарди помалку од 47,3 милијарди денари кои беа утврден со ребалансот за 2025 година“, сметаат во СДСМ.
Во соопштението на опозициската партија се истакнува дека на денот на усвојување на предлог-буџетот, реализацијата на капиталните расходи изнесува само 44,94%.
„Со екстремно слаба реализација, тврдењето дека ‘капиталните проекти ќе бидат главен двигател на растот во 2026 година’ е контрадикторно и признание за неспособност.
Проекцијата за раст на економијата (БДП) од 3,8% дополнително ја разоткрива суштината на промашените фискални политики на Владата. Станува зборза проекција базирана на потрошувачка, поддржана со најавено зголемување на платите и пензиите. Кога ова се случува во услови на намалени капитални расходи и во отсуство на структурни реформи, тогаш оправдано се поставува прашањето: дали се најавува уште една година во која економските промашувања се маскираат со краткорочни, популистички потези?“, прашуваат од СДСМ.
Според СДСМ, оваа буџетска стратегија за наредната година нема да донесе корист ниту за граѓаните, ниту за стопанството, затоа што ова ќе значи повисоки трошоци за камати, ново задолжување, притисок врз даночната база и истиснување на продуктивните инвестиции.
„Загрозената продуктивност на стопанството ќе донесе само повисоки цени на услугите и производите, односно намалена можност за реално зголемување на животниот стандард на граѓаните. Зголемените плати и пензии ќе потонат во растечката месечна потрошувачка за основните животни потреби.
Со предлог-буџетот за 2026 година, Владата не нуди развој, туку маска за економски промашувања“, се вели во соопштението на СДСМ.






