„Министерството го доби мислењето од Факултетот за шумски науки, пејсажна архитектура и екоинженеринг ‘Ханс Ем’ од Скопје, со кое се укажува дека е потребно да се пристапи кон изменување и дополнување на постоечкиот план за стопанисување со шумите во шумско-стопнанската единица Пелистер-Брајчино со важност 2024-2033. Со допис се одбративме до ЈП ‘Национални шуми’ да започнат со постапка за измени“, се вели во соопштението на Министерството за земјоделство.

Од граѓанската иницијатива „Љубојно“ велат дека со ова и официјално се прифатени нивните барања за промена на планот, што е победа за нив во одбрана на животната средина и екосистемот.
„Ова е потврда дека доколку стоиме заедно зад иста цел можеме и да ја постигнеме, а исто така, да ги поздравиме сите храбри луѓе кои учествуваа во протестите кои испишаа историја“, велат жителите на Љубојно.
Жителите на Љубојно протестираа 128 дена, жалејќи се дека е направен гороцид во шумата оддалечена на 400 метри од селото што предизвикува поројни поплави во селото, ерозија на земјиштето, па можни се и одрони.






