„Во врска со најавата за евентуална проверка на завршени предмети и донесени правосилни пресуди, Судскиот совет укажува дека во Законот за кривична постапка, Законот за парнична постапка, како и други процесни закони, јасно е предвидено под кои услови може да има повторување на постапката за одреден предмет или кој суд е надлежен за укинување на одредена пресуда. Како и со каква цел ќе се формира комисија Судскиот совет нема информации, но има право и обврска да укаже на доследно почитување на законите и на судскиот одлуки“, велат од Судскиот совет.
Меѓународните експерти што ќе бидат побарани од Европската Комисија за истрага на судски случаи, што било едно од барањата на Алтернатива за да влезе во Владата, нема да ги поништуваат донесените пресуди, туку ќе дадат свои мислења кај нашите институции, рече вчера Заев одговарајќи на новинарски прашања.
Лидерот на партијата Африм Гаши побарал Владата да испрати писмено барање до ЕК преку Делегацијата на ЕУ да испратат експерти кои ќе направат мониторинг на случаите за кои, според Алтернатива, има сомневања во судските одлуки и за политички влијанија, како што се Монструм, Алфа, Диво насеље, Алмир Алиу…
Заев рече дека ова е договорено зашто довербата во правосудниот систем е, како што рече, „поодамна разнишана”. Но тоа не значи, рече, дека некој ќе може да ги поништи судските процеси или да направи нешто спротивно на нашите закони.






