сабота, 23 мај 2026

Парите од донаторите на ВМРО-ДПМНЕ понекогаш ги примаше лично Груевски, сведочеше Јанкулоска

Објавено на

часот

Сподели

„Партијата во тој период имаше сериозни потешкотии во обезбедување на финансиски средства. За разлика од регулативата која е денес, партиите да се финансираат од буџетски средства, тогаш не беше така. Тогаш се финансираше преку донации, односно на доброволна основа ги даваа физички лица“, рече Јанкулоска.

Таа уште кажа дека некои од донаторите сакале да бидат анонимни.

„Донаторите беа прилично воздржани, бидејќи партијата беше во опозиција, па не сакаа јавно да се знае дека се блиски до ВМРО-ДПМНЕ. Па се случуваше донаторот да разговара со претседателот (Груевски), да ја истакне волјата да донира, па претседателот ги договараше начинот и условите како можат да ѝ помогнат на партијата“, изјави Јанкулоска.

Тогаш, како што сведочеше, ѝ кажувале дека „тој и тој сака толку и толку да донира за партијата“. Некогаш донацијата била дадена истиот ден, или се случувало да ги остават парите на претседателот (Груевски) ако не била таму.

„Регулативата беше полабава. Се водеше неформална евиденција, но на некои им издававме и каса прими. Не беа големи суми, тие се користеа за тековно работење на партијата, за канцелариски материјали, бензин…“, рече Јанкулоска во сведочењето.

Одговарајќи на прашање на обвинителката Лиле Стефанова, додаде дека ги евидентирала само оние донации кои и биле дадени.

„Јас имав евиденција за сумата која ќе ми се дадеше на мене, за тоа дали се договарала повеќе или помалку, тоа не знам“, одговори Јанкулоска на прашањето од обвинителката

Стефанова дали кога парите му ги давале лично на претседателот Никола Груевски, таа имала сознанија за висината на донираната сума.

Таа рече и дека во нејзината канцеларија имала два сефа, од кои поголемиот не бил достапен за неа, односно не бил во функција, бидејќи не бил отворан, а таа ниту знаела шифра, ниту имала клуч.

„Да, имаше два сефа во мојата канцеларија, едниот беше голем, масивен, од 1,5 метри и мало сефче, како каса, и се чуваа парите кои се користеа на дневна основа“, рече Јанкулоска.

Во старото седиште на партијата, пак, како што кажа, имало повеќе сефови во повеќе канцеларии.

„Мислам дека имаше сеф и во канцеларијата на претседателот“, рече Јанкулоска.

Во случајот „Плацеви на Водно“ Груевски е првообвинет и му се суди во отсуство. Според обвинението, во периодот од јуни 2006 до октомври 2012 година, Груевски како лидер на партија наместо да прикаже пари како примени донации во ВМРО-ДПМНЕ, за себе прибавил 1,3 милиони евра (79.972.140 денари), а потоа ги пуштал во оптек и купувал парцели на Водно. Станува збор за земјиште на кое имало шума, а кое со промените во Генералниот урбанистички план (ГУП) било пренаменето во градежно. Покрај имотот на Водно, обвинението опфаќа и два стана во главниот град и две парцели во Крушево за кои обвинителството тврди дека се прикривал вистинскиот сопственик односно Груевски.

Во овој случај, покрај Груевски обвинети се бизнисменот Орце Камчев, неговата мајка Ратка Куновска-Камчева, Сашо Мијалков, Ристо Новачевски и Ненад Јосифовиќ.

 

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ