
„За предлозите за помилување на некои затвореници, кај заменик министерот за правда не се согласив и секако институционално реагирав. Предлозите до Управата на затворите за помилување на одредени затвореници кои со своите криминализирани дела вознемируваа граѓани и ги уриваа темелите на државата, никогаш нема да ја добијат мојата поддршка и не треба да имаат поддршка ниту од министерството за правда. Никогаш нема да молчиме за каузата на правдата”, напиша заменик-министерот кој доаѓа од редовите на ДУИ.
Тој додаде дека за предлозите за помилување на некои затвореници, не се согласил и реагирал во институциите.
Министерот за правда, Боја Маричиќ, пак вели дека Министерството за правда не дава никакви помилувања и дека ниту едно спорно име нема да се најде на листата.
„Министерот за правда не дава никакви помилувања. Ова се специфични помилувања по повод Нова година и листите за делумно скратување на казната ја прават директорите на затворот и се проследува на разгледување. Мислам дека дел од спорните имиња нема ни да се најдат на листите. Значи, предлог листите се од затворите а не од Министерството за правда. Тие листи поминуваат низ четири филтри“, вели министерот за правда Бојан Маричиќ за Утрински брифинг.
Вели дека оваа постапка не е јавна и не се објавува во јавност.
„Неблагодарно е да се објавуваат имиња во рана фаза затоа што станува збор за луѓе што се осудени и имаат свои надежи. Ние ќе се погрижиме да не се најде ниедно спорно име на списоците“, истакна Маричиќ.
Конечната верзија на списокот ќе биде испратена до Комисијата за помилување, во Кабинетот на претседателот на државата.
Претседател на Комисијата за помилување е Уранија Пировска, извршна директорка на Хелсиншкиот комитет за човекови права, а членови на Комисијата се:
-Фехми Стафа, државен правобранител;
-Љубомир Јовески, јавен обвинител;
-Љубомир Михајловски, адвокат;
-д-р Темелко Ристевски, правник, полковник во пензија;
-Ерол Рушид, доктор;
-Зора Митиќ, доктор;
-Божин Аврамовски, судија во пензија;
-Сафет Алиу, поранешен судија во Врховен суд;
-Томислав Кежаровски, новинар;
-Билјана Петковска, извршна директорка на Македонскиот институт за медиуми.






