
Обвинетиот Стевчо Јакимовски, до Судот приложил документација дека целото семејство на неговиот адвокат е позитивно на ковид-19 и затоа и адвокатот во моментов се наоѓа во изолација.
Од Судот дополнуваат дека поради заштита од ширење на коронавирусот, судијата Осман Шабани го одложи рочиштето за 23 ноември.
Според обвинението, во периодот од 2011 до 2017 година, како службено лице – градоначалник, Јакимовски во повеќе наврати ја злоупотребил службената положба и овластување во постапки за јавна набавка и во постапка за легализација на времени објекти од деловен карактер и приватизација на градежно земјиште сопственост на државава.
По одложеното судење тој напиша статус на социјалните мрежи каде вели дека повеќе од две години е по судските врати и никогаш немало медиумска заинтересираност.
„Денешното рочиште беше медиумски однапред најавувано и пред судот и внатре ме чекаа 15 камери. Јасно дека се организирани од еден центар. Па нели вака правеше режимот? Очекувам и наративот во извештаите да биде со иста или слична содржина. Јасно е дека некој не може да се помири со поразот на локалните избори. Откако одлучив да се кандидирам на 16 февруари 2013 година до денес ми претат со затвор и постојано се обидуваат да ја остварат својата цел. Нема проблем ние ќе одиме по затвори, ако треба и да умреме, да молчиме, само тие да не работат, да уживаат, да седат по кафани и да си земаат тоа што мислат дека е нивно. Е сега повторно сме им криви и јас и народот. Јасно ми е како ден, секој ден ќе ме плукаат, ќе ме навредуваат, ќе ме прогонуваат како што правеа од 2013 до 2017 година, ќе држат пресови и протести пред вратите на општината и пак ќе бидам црн ѓавол, а јас им пружив рака и јавно им пратив покана за соработка. Нека тие мене со камења а јас нив со леб“, напиша Јакимовски.






