сабота, 23 мај 2026

Ивановска: Ревизијата на „Монструм“ нема да донесе ништо ново, само ќе ја оживее болката за убиените деца

Објавено на

часот

Сподели

Во изјава за МКД.мк адвокатката Ивановска вели дека ревизијата на „Монструм” нема да донесе ништо ново, туку само ќе ја оживее болката кај родителите што ги загубија своите деца, како и тоа дека ќе ја поткопа недовербата во судството.

Според неа, предметот за петкратното убиство се водеше со години и комплетно сѐ што можеше се изведе како доказ, па според тоа ревизијата не е ништо друго туку мешање на политиката во судството.

„Сѐ што можеше во Монструм да се направи, се направи и сѐ беше претресено. Се оживеаја и старите докази, а овде сега се одолжуваат постапките, се носи несигурност во правосудството, а со овој договор мислам дека ќе оживеат само болките на родителите и недовербата кај граѓаните. Целокупната постапка заврши пред Основниот суд и за да одговориме на прашањето во врска со тоа дали ревизијата ќе донесе нешто ново, ајде прво да направиме анализа. Во 2017 година, да се потсетиме, Врховниот суд ја врати постапката на повторено судење. Зошто? Бидејќи сметаа дека имало индиции и икс-причини дека постојат други докази што би влијаеле за поинакво одлучување во спорот. Повеќе години од тогаш, па сѐ до февруари 2021 година, се изведуваа многу докази. Тие сите беа предложени од страна на обвинетите и бранители, и судот ги прифати сите докази. Се сослушаа голем број функционери, политичари, инспектори, многу лица што ја воделе истрагата или кои имале одлучувачко влијание за предметот… И на толку многу изведувања на докази, вештаците повторно се повикуваа, значи се се претресуваше комплетно од ново, се изведуваа и веќе изведените докази како да се водеше нова постапка, е сега што по сето ова ќе смени мониторингот или нова истрага”, прашува адвокатката Ивановска.

Таа појаснува дека за повторно да се отвори некоја постапка, мора да има нови докази.

„Треба да има нови докази за повторно да се отвора некоја постапка, ако има такво нешто, во таа ситуација на толку долго поминато време зошто дури сега тоа да се прави, а не се направи претходно иако е поминато многу време. Судството не е тезга за пазар. Ќе ги парафразирам родителите кои толку многу страдаат, велат „Не е човечки со крвта на нашите деца да се освојуваат политички поени”. Тоа е нешто што многу ги боли. Ова сега е политичко влијание. Не може политиката и извршната власт да се меша во судството. Ако се прави ревизија и нешто не чини во судството, нека се прави ревизија на се. Зошто само на определени судски постапки, кои траат со години и кои се многу осетливи. Како што кажува и нашата историја до сега немало ваков настан. Ревизијата не може да смени ништо од правен аспект и ЗКП точно си има утврдено кога се прави ревизија на одредени предмети. Се бара ревизија поради сомнеж за политички влијанија. А што е сега ова, односно тој договор, нели е тоа политичко влијание? Со ова се докажува дека нешто со македонското судство не е во ред, а сега во период на оваа фаза за влез во ЕУ да се признае тоа со ваков потег е бесмислено. Самите тоа го кажуваат. Ако некој кажува дека има определено политичко влијание , тогаш и со сегашното отворање на предметот сакаат да кажат дека повторно можеме да влијаеме. Јас така го толкувам тоа. За да не биде тоа така, треба политичките партии да го тргнат судството на страна”, додава Ивановска.

Според неа, судиите треба да бидат независни и да се остават да си ја работат работата. За неа како активен учесник во постапката случајот „Монструм” е комплетно завршен предмет.

„Судиите треба да се остават да работат и да бидат независни. Во случајот Монструм имаше толку многу докази, беа направени толку многу работи кои се побараа. Нека кажат јавно кој влијаел, врз што влијаел, дали прикрил некој доказ, каде е тој доказ, сето тоа да биде аргументирано, а не само на збор. До 2017 беше нешто слично, бидејќи во Врховниот суд имаше потреба да се повтори постапката, а тоа беше направено поради бомбите. За нив се кажуваше дека ќе има нови докази, но немаше ништо ново. Ако има сомнеж за политички влијание има судски инстанци и треба да се одлучи, имаме МВР, имаме Обвинителство и работа на нив е да откриваат кривични дела. Како на родителите да им објасниш дека сѐ е завршено, кога сѐ одново се случува?”, дополнува законскиот застапник на оштетените во овој предмет.

Вчера во изјава за МКД.мк оштетените кажаа дека ревизијата е чист политички договор и нема да донесе ништо ново за случајот „Монструм”. Раде Славковски, таткото на убиениот Филип, и Горан Наќевски татко на убиениот Александар го делат истиот став, дека политиката не треба да се меша во судството. Според нив, по речиси 10 години им се отвора повторно болката за загубата на нивните деца.

На 23 февруари годинава Основниот суд за случајот „Монструм” изрече три доживотни казни затвор, една во траење од 15 години и една од 9 години затвор. Тогаш во случајот постапуваа обвинители од сега згаснатото Специјално јавно обвинителство.

К.Додевска

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ