
„Од Техничкиот факултет во Битола, каде по наредба на судот за супервештачење беше испратен предметот поврзан со автобуската несреќа во село Ласкарци, на 17 декември 2021 година е добиено известување дека Факултетот не прифаќа да го изврши супервештачењето неопходно за затворање на доказната постапка по предметот и донесување првостепена пресуда, соопшти Основниот кривичен суд Скопје.„По претходно изведени спротивставени вештачења на одбраната и обвинителството, а пред се, за да се запази еднаквоста на оружјето кое во евентауално жалбена постапка може да биде клучно при одлучувањето на второстепениот суд, издадена е наредба за супервештачење. Од надлежниот Технички факултет во Битола, посочуваат од Судот, предметот е вратен со образоложение дека лиценцираните вештаци за машинство се стручни само за енергетика и не можат да вештачат моторни возила, а другите вешти лица веќе учествувале во претходното вештачење”, се вели во соопштението од Судот.
Од таму додаваат дека по добивање на известувањето, контактирале со Универзитетот во Штип и Машинскиот факултет во Скопје од каде исто така е известено дека тие немаат доволно лиценцирани вешти лица за сообраќајни возила кои претходно не учествувале во изведените вештачења.
Сето ова е им е презентирано на странките на денешната главна расправа, при шти им било кажано дека предметот е веќе испратен во Бирото за судски вештачења кои имаат можност да формираат тим од лиценцирани вешти лица и да го изготват супервештачењето.
На крјот од соопштението, од Судот потсетуваат дека предметот за автобуската несреќа кај Ласкарци, што се случи на 13 февруари 2019 година, во која загинаа 16 патници, а 37 беа тешко повредени, во почетната фаза се водеше со забрзан интензитет со оглед да стануваше збор за притворски предмет.
Но, со оглед на пандемијата, Протоколот за работа на судовите во услови на пандемија како и фактот дека Апелацискиот суд Скопје ја укина мерката притвор и ја замени со поблаги мерки за обезбедување присуство, дел од расправите во текот на минатата година беа одлагани единствено поради изолација на судечкиот совет и странките во постапката, иако судот инсистираше на забрзано темпо.
Во текот на оваа година, додаваат, предметот се води според предвидениот интензитет со што беа сослушани сите предложени и прифатени сведоци, оштетени и вешти лица.
Преостанува само да се изведе и супервештачењето со што доказната постапка ќе биде затворена и предметот ќе премине во фаза на завршни зборови и пресуда.
За тоа се закажани рочишта на 25 јануари, и на 3,10,15,24 и 28 февруари 2022 година, се вели во соопштението од Кривичен суд Скопје.






