Според Заев, бројката на администрацијата се намалува и може да се каже и дека е направен сериозен исчекор кон департизација на администрацијата. Вработувањата во последниов период рече дека се заради пополнување на испразнетите места – пензионирања и заминувања на некои граѓани во приватниот сектор. Овие позиции, според него, поради короната не можеа да се пополнат зашто финансиите од Буџетот биле насочени пред сѐ кон поддршка на економијата и здравството.
„Реформите во јавната администрација треба да бидат поддржани од Парламентот, посебно законите кои во септември ќе бидат на дневен ред. Тие се изработени од експерти, зборуваат и со опозицијата и ќе ги почнат сите разговори паралелно со владејачките партии со цел реформата да ја поминеме заедно. Верувам дека можеме да успееме во тоа. Транспарентноста е најголем сојузник во департизацијата на администрацијата и нејзината професионализација, а со новите законски решенија верувам дека ќе го унапредиме процесот кој сите тежнееме“, рече Заев, одговорајќи на прашањето на пратеникот Кирил Пецаков.
Заев додаде дека од 165.000 во 2017 година, администрацијата денес е сведена на 132.000.
„Администрација за мене е и Заев и министрите и замениците министри, сите, и јас и останатите. Бројката продолжува да се намалува и тоа го потврдуваат официјалните бројки. Најмногу е застапена во јавните претпријатија на локално и државно ниво. Но, државата треба да продолжи со нејзина рационализација. Последната 1,5 година поради ковид-мерките парите беа насочени за економијата и болните од корона. Точно година и пол немаше соодветно пополнување на испразнетите места за кои администрацијата имаше потреба, едни одат во пензија, други заминуваат во приватниот сектор“, рече премиерот.
Негова оценка е дека веќе граѓаните, поради повисоките плати, сѐ почесто се одлучуваат за приватниот сектор и тоа, како што вели, е добро. Конкурсите, пак во јавната администрација се со засотрени критериуми, што повторно е во насока на што поголема професионалност и ефикасност.
Пратеникот Пецаков рече дека не е задоволен од одговорот и изнесе бројки за актуелни, според него, партиски вработувања.






