„Од денеска почнува нова ера на соработка во нашиот регион. Нашата политичка волја, на претседателот Вучиќ, на премиерот Рама и мојата, е израз на нашата максимална посветеност да ги обезбедиме сите услови што зависат од Владите на нашите три земји за ефикасна регионална соработка. Самостојно покажуваме политичко лидерство и грижа за унапредување на соработката, за која овој пат имаме и конкретна акциска програма. Убеден сум дека тоа ќе биде препознаено од Брисел и Вашингтон“, изјави Заев.
Според него, со поврзувањето за развој на економиите се потврдува отворената и јавна намера народи да почувствуваат директни економски придобивки од олеснувањата кои се спроведуваат.
„Само со интегриран и поврзан регион може да се движиме постојано кон членство во ЕУ“, вели тој.
Пред претставници од стопанските комори во регионот, деловните заедници и преку 300 компании, пред претставници од меѓународни институции, како и пред претседателот на Србија Александар Вучиќ и премиерот на Албанија Еди Рама, Заев потенцира дека овој масовен одѕив на поканата на македонската Влада е силна порака дека Балканот почнува да создава највисоко ниво на разбирање дека економското поврзување и создавањето динамичен и витален регионален економски простор е заедничка желба и амбиција.
Ова, според него, е автентичен, заеднички процес на Македонија, Албанија и Србија, но иницијативата е отворена за сите земји од Западен Балкан.
Политичките лидери, напомена Заев, ги слушнаа барањата на стопанството – да има помалку историја и повеќе бизнис.
„Силната политичка волја и поддршката што ја добивме од деловните заедници на сите земји во регионот за нов импулс и за ребрендирање на регионалната соработка со многу повеќе динамика и за многу повеќе ефекти е наша, автентична и не-посредувана иницијатива. Дополнително, сметам дека една таква регионална соработка може да направи сериозен придонес во релаксирањето на политичките односи во регионот. Ние сме отворени за сите иницијативи кои одат во насока да ja зајакнат регионалната соработка и што го забрзуваат процесот на интеграција во ЕУ на сите земји од Западен Балкан. Да ја направиме визијата за заеднички политички и економски простор на Западен Балкан реалност со конкретни придобивки за сите наши граѓани. Да направиме да стане важен дел од секојдневниот живот на нашите граѓани преку единствениот пазар“, рече Заев.
Според Заев, неуспехот на ЕУ да ги исполни ветувањата за отворање на првата меѓувладина конференција со Албанија и Северна Македонија, е против европската идеја, против интересите на самата ЕУ и спротивна на определбата за членство во Европската Унија на овие две земји кои ги исполнија сите критериуми за тоа.
„Но, ние не можеме да чекаме сите внатрешни проблеми на Европската Унија да се решат за да одиме напред. Ние сме тука и тогаш кога Европската Унија ќе биде подготвена, ние сме тука – веќе подготвени, со веќе обезбедени олеснувања за нашите граѓани и со веќе развиени економски иницијативи. За нив ќе зборуваме и денес, па се надевам дека ЕУ ќе најде начин да обезбеди и финансирање за истите, особено што голем дел од нив се дел од зелената агенда“, изјави Заев.
Сепак, додаде истакна дека денеска не е тука за да зборува за ЕУ.
„Тука сум за да говорам за нашите граѓани, за нашите земји, за нашите идеи, за нашиот европски Балкан. За Западен Балкан, за овој отворен регион. За регион и за иницијатива коja денеска ќе се претстави со ново име, име кое ја одразува суштината на новата реалност што денеска ја промовираме сите ние заедно – лидерите, стопанствениците, граѓаните на Албанија, Србија, Македонија и сите други земји од регионот. Сите заедно му даваме нов импулс на заедничкиот економски простор, на поврзаниот регионален пазар. Заедничкиот регионален пазар е мотивација за да се поттикнат нови регионални иницијативи насочени кон приближување и за интегрирање со пазарот на ЕУ. За сите нас е несомнено јасно дека само со интегриран и поврзан регион може да се движиме постојано кон нашата основна цел – членство во ЕУ. Бидејќи ние не можеме да бидеме ништо друго освен земји од европскиот Балкан“, рече Заев.
Тој ги повтори веќе искажаните заложби за т.н. четири слободи – слобода на движење на луѓе, добра, капитал и услуги.
По него воведни обраќања имаа и Вучиќ и Рама кој исто така ја испратија пораката за обединување на економиите во регионот, олеснување на протокот, елиминирање на бариерите и создавање заеднички пазар.
На форумот се очекува да биде објавено новото име на регионалната иницијатива што досега беше неформално нарекувана како „Мал Шенген“ и да бидат потпишани трилатерални договори кои, според најавите, ќе го подобрат животот на граѓаните и на бизнис заедницата од Западен Балкан.






