Примањето на 450 Авганистанци кои до крајот на неделава треба да пристигнат во земјава, Заев го образложи со фактот дека Скопје има примено помош од секаде, а Авганистан е еден од првите донатори по земјотресот во 1963 година.
„Се работи за луѓе кои биле соработнци на сојузничките армии во Авганистан, вклучувајќи ја и нашата која од 2002 е сојузник во сите мисии на НАТО таму. Се работи за миротворци, активисти за човекови права, новинари, студенти, жени. Секако, како што соопшти владата ние веќе донесовме одлуки, ќе ги прифатиме сите граѓани кои доаѓаат по однапред определени списоци. Државата ќе го плати превозот од аеродромот до хотелите, а веќе има такви кои понудиле сместување. Ќе се овозможи бесплатна вакцинација на тие што немаат, иако најголем дел од нив се вакцинирани, бидејќи работеле во институциите, ќе има и бесплатен ПЦР тест и ќе им се овозможи здравствен преглед. Трошоците за сместување ќе ги платат САД, но Владата донесе одлука да преземе дел од трошоците, па тие после ќе бидат рефундирани“, Заев.
Тој порача дека граѓаните треба да бидат горди што учествуваме во ваква хуманитарна мисија.
Авганистанците ќе дојдат со повеќе летови, а можно е бројката деновиве да се зголеми, но за тоа, како што кажа Заев, јавноста навремено ќе биде информирана.
Тоа што е досега е потврдено е 450 луѓе, но вели, може да се јават дополнителни 50, 70, 90 луѓе.
„Капацитетите се огромни. Досега имаме хотели кои понудиле поголеми капацитети и места за 300 и 500 луѓе. Апсолутно се работи за луѓе со свои квалификации и верувам за време на нивното задржување во Северна Македонија, ќе можеме да направиме нивно здравствено и секакво згрижување, но секако и општествен ангажман“, додаде Заев.






