петок, 1 мај 2026

За 10 дена треба да почне пописот, опозицијата бара да биде електронски

Објавено на

часот

Сподели

Додека директорот на ДЗС, Апостол Симовски, вчера увери дека целосно ќе се почитуваат донесените строги здравствени протоколи и дека нема да биде загрозено здравјето на ниту еден поединец во државата, за опозициската ВМРО-ДПМНЕ со оглед на зголемениот број новозаразени најдобро решение е да се направи електронски попис.

Ваквиот предлог, Симовски категорично го отфрли и нагласи дека сега ниту може, ниту има намера да се размислува за менување на методологијата, која како што рече, е донесена со Закон, објавена во Службен весник и одобрена од Евростат.

„Имаме јасни и прецизни ковид-протоколи кои мора и ќе се почитуваат. Тоа е наша обврска, но и гарантираме дека протоколите максимално ќе се почитуваат. Ќе сносиме одговорност ако тоа не се случи“, рече Симовски, нагласувајќи дека ова е задолжителна активност и обврска на сите.

За попишувачи аплицирале речиси осум илјади луѓе, а како што информира Симовски, точната бројка на попишувачи кои евентуално би недостигале, ќе се знае откако ќе се спроведе тестирањето на кандидатите.

Симовски, рече дека е задоволен од пријавениот број и дека очекува да има комплетна покриеност со попишувачи на терен, а можноста која им е на располагање за вклучување на лицата кои се времено ангажирани од Владата и локалните власти, тој нагласи дека ќе се користи само доколку немаат доволно кадар и согласно потребите.

Потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николоски, пак, вчера рече дека во услови кога имаме поразителни бројки на заразени и починати од корона вирусот најдобро е да се направи електронски попис.

„Најдобар начин да се спроведе целата оваа процедура е да се направи електронски попис, кој што ВМРО-ДПМНЕ цело време го бара. Со електронски попис, без физичко посетување на граѓаните во домовите, ќе се спречи заразата да се шири, а ќе може точно да утврдиме колку има население во Македонија за да нема манипулации какви што власта сега сака да прави. Така што, решение е електронски попис за да се заштити здравјето на граѓаните и да нема манипулации“, изјави Николовски.

Со политички договор поради пандемијата со ковид-19 пописот, кој првично беше закажан за април годинава беше одложен за септември.

Собранието со 95 гласа „за“ и 12 „против“ на 2 април годинава го донесе по скратена постапка Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за попис на населението, домаќинствата и становите во Република Северна Македонија, 2021 година со што пописот и формално беше одложен за 5 до 30 септември.

Одложувањето на пописот, заедно со воведувањето на отисок од прст и одложувањето на локалните избори за октомври годинава, беа дел од договорот на средбата меѓу лидерите на двете најголеми партии во земјата премиерот Зоран Заев од СДСМ и Христијан Мицкоски од ВМРО-ДПМНЕ, додека со поддршка подоцна излезе и лидерот на ДУИ Али Ахмети.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ