Во последните 24 часа, на дежурните телефони во МНР се јавиле неколку граѓани кои имаат роднини или пријатели во Авганистан и се интересирале за состојбата таму, но не побарале асистенција за нивно извлекување.
Од МНР нагласуваат дека будно се следи ситуацијата и дека некои држави веќе изразиле подготвеност при евентуални организирани летови за евакуација да бидат опфатени и македонските државјани.
„Од вчерашната инструкција на нашата дипломатска мрежа за контакт со соодветните министерства за надворешни работи во земјите на нивно покривање, денес дел од амбасадите и конзулатите веќе се стапени во контакт и некои од пријателските земји изразија подготвеност при евентуални организирани летови за евакуација да бидат на располагање и за граѓаните на Република Северна Македонија“, се наведува во соопштението од МНР.






