Заев наводно се согласил на измени во учебниците по историја во однос на историските личности и периоди, но во текстот се потсетува дека официјална Софија не ја прифаќа формулацијата дека документите се потпишуваат на македонски јазик и инсистира да стои „официјалниот јазик на Република Северна Македонија“.
На вчерашната прес-конференција ниту Заев ниту бугарскиот премиер Стефан Јанев не одговорија конкретно за какви предлози од Македонија се работи, но весникот, повикувајќи се на извори од бугарската влада, вели дека гостинот од Скопје дошол со пет компромиси, кои требало да бидат вклучени во политичка декларација.
Меѓу другото, формулацијата за јазичниот спор била дека Бугарите и Македонците истовремено говорат на ист јазик, но и на различни, кои меѓународно се одделно признаени.
Исто така, се предвидувала и изјава дека двата народи се братски.
Заев на прес-конференцијата најави дека пред влезот во ЕУ ќе биде отворен македонскиот Устав и во Преамбулата ќе бидат вметнати и Бугарите и Хрватите, а најави и отворање на архивите и досиејата од времето на Студената војна за да се разјаснеле „репресиите на кои биле подложени Бугарите во тогашна Македонија“.






