Пред новинарите денеска таа рече дека очекува разговорите брзо и успешно да завршат бидејќи претстои многу работа.
„До пред неколку дена сите можевме да лицитираме со различни тези. Се виде дека информациите што ги пласираше опозицијата биле дезинформации и пропаднаа обидите не само да се изгласа недоверба на Владата, туку и да се попречи целиот овој процес на наше интегрирање, не толку во НАТО, колку во ЕУ“, изјави Шекеринска, коментирајќи ја актуелната политичка состојба во однос на случувањата во Собранието за прашањето за гласањето недоверба на Владата.
Таа нема дилеми дека во Македонија доминантен е ставот оти ни треба стабилност, предвидливост, работа за да ги обезбедиме резултатите што граѓаните ги очекуваат. Шекеринска смета дека фокусот треба да биде што се случува во државата и по локалните избори да се врати во нормалното темпо на работа и обезбедување подобар живот, повеќе безбедност.
„Владата функционира. Собранието денеска ќе почне да дискутира и за Буџетот, ако не се лажам. Ништо не нѐ спречува да работиме на тоа што е важно за сите. Мислам дека како што на граѓаните фокусот не им е постојани избори или постојано броење пратеници, туку работа и резултати, и ние тоа треба да им го понудиме“, рече Шекеринска, по финалната конференција на групата за воена интеграција на Република Северна Македонија во НАТО.






