Министерката за одбрана рече дека справувањето со пожарите ја потврди силата на сојузништвото и пријателството со земјите членки на ЕУ и на НАТО кои на земјава ѝ пружија голема помош. Според неа, климатските промени ќе бидат еден од клучните фактори кои ќе влијаат на нашата безбедност и дека тие диктираат нови потреби и во одбранбеното планирање и во регионалната соработка.
Таа потсети дека Македонија влегувајќи во втората година од членството во Алијансата започна комплексен и важен процес на интегрирање.

„Воената интеграција во НАТО е на брза трака и во целост ќе биде завршена оваа година. Паралелно, работиме и дома. Армискиот полигон ‘Криволак’ со поддршка од нашите сојузници, станува воен полигон од највисок ранг, а вежбата ‘Одлучен удар 21’ го покажа најдоброто во вас. Со успешната реализација ја поместивте татковината уште едно скалило погоре во безбедносната слика”, рече Шекеринска.
Таа порача дека граѓаните постојано ја оценуваат Армијата како институција во која имаат најголема доверба и, како што рече, „довербата раѓа доверба”.






