петок, 1 мај 2026

Секоја регионална иницијатива е добредојдена, но тоа не смее да биде алтернатива за полноправно членство на земјата во ЕУ, вели Мицкоски

Објавено на

часот

Сподели

Македонија треба веднаш оваа година, да ги отпочне преговорите со ЕУ, бидејќи тоа го заслужуваме повеќе од би рекол десет години, со исполнети критериуми, но за жал поради разно разни артефицијални, вештачки препреки ние до овој момент не сме отпочнале преговори, изјави Мицкоски.

Тој, одговарајќи на новинарско прашање околу иницијативата „Отворен Балкан”, нагласи дека нема алтернатива за ЕУ.

„Ние треба веднаш да ги отпочнеме како држава преговорите и тоа треба Европската Унија да го испорача уште оваа година. Следна таква можност е самитот што ќе се одржи во декември месец. Така што тука би го заклучил мојот одговор, алтернатива за Европската Унија нема“, истакна Мицкоски.

Тој додаде дека ВМРО-ДПМНЕ го поздравува донесувањето на Резолуцијата во македонското Собрание со која јасно се оцртуваат национални и државни позиции во однос на македонскиот јазик, историја и идентитет. 

Неговото обраќање следеше откако со 95 гласа „за”, еден „воздржан” и ниту еден „против”, Собранието денеска ја усвои резолуцијата за одредување на црвени линии во преговорите со Бугарија, поднесена од ВМРО-ДПМНЕ.

„Изразуваме задоволство што Собранието ја задржа содржината на Резолуцијата, таа остана во содржината таква каква што ја достави нашата пратеничка група”, посочи Мицкоски додавајќи дека текстот на Резолуцијата е базиран на научни темели и аргументи.

Како што кажа тој, како партија благодарни се на политичките субјекти кои искрено, но и на оние кои помалку искрено ја поддржале Резолуцијата.

„Ние сме рационални и знаеме дека зборот на власта не трае ни пет минути, но сметаме дека ваквата Резолуција како акт на законодавниот највисок демократски дом не може и не смее да биде прекршен и ќе биде обврзен акт за оваа и секоја идна Влада, претседател на држава и секоја институција по однос на идентитетските теми и прашања”, рече лидерот на ВМРО-ДПМНЕ и дополни дека ваквата Резолуција, во нормални услови, требало да биде водена од власта во Македонија, а не од опозицијата.

Мицкоски порача и дека ВМРО-ДПМНЕ ќе остане посветена на двата клучни приоритета кои се еднакво важни и неразделни, а тоа се евроинтеграциите на Македонија и заштита на македонските национални и државни интереси.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ