Како што се наведува во соопштението од ВМРО-ДПМНЕ, Мицкоски истакна дека Македонија нема капацитет и не е подготвена да прими толку многу лица од Авганистан бидејќи власта предводена од СДСМ не може да обезбеди услови за живот за македонските граѓани, а не за останатите.
„Државата тоне на сите полиња, особено на полето на економијата каде трошоците стануваат се поголеми, а граѓаните имаат се помалку пари или ги губат работните места, додека бизнисите се затвораат“, рекол лидерот на ВМРО-ДПМНЕ.
Во однос на пандемијата со Ковид-19, стои во соопштението, Мицкоски посочи дека власта заради личните интереси задоцни со набавката на вакцини и со месеци доцнеше процесот на имунизација, за сега да носи мерки кои уште повеќе создаваат поделби во општеството и ги лишат дел од граѓаните од основните права и слободи, а тие лошо се одразуваат и на бизнисот којшто едвај преживува периодов.
На средбата станало збор и за претстојните локални избори при што било договорено продлабочување на соработката помеѓу ВМРО-ДПМНЕ и КАС преку обуки и семинари за идните градоначалници на ВМРО-ДПМНЕ во општините во Македонија.
„Мицкоски се заблагодари за искрената поддршка од КАС во досегашниот период и потенцираше дека фондацијата отсекогаш била искрен и посветен партнер на ВМРО-ДПМНЕ“, се посочува во соопштението.






