„Меѓу поднесените амандмани се и оние за промена на начинот на загревање на здраствените и образовните институции од нафта и мазут на гас или топлински пумпи со фотонапонски панели, поставување на соодветни филтри на автобусите и градежните машини, поставување на плински уреди за 10.000 возила и многу други, вклучително и финансиски средства за АД ЕСМ за да не се промени цената на електричната енергија за домаќинствата и амандман за ваучери за компаниите со цел покривање на дел од сметките за електрична енергија кои се за неколкукратно повисоки од претходно.
За жал, и покрај тоа што власта постојано се промовира како граѓански ориентирана, се чини дека тоа го прави само декларативно на хартија и на прес конференции бидејќи во реалноста, конкретно во креирањето на државниот Буџет за 2022 година, поголемиот дел од овие амандмани беа одбиени од страна на Министерството за финансии и неизгласани од страна на пратениците од власта. Најчестото образложение за тоа беше дека за овие предлози веќе има издвоено средства во владината програма „Зелен развој“.
Програмата „Зелен развој“ е воведена во 2021 година и за истата биле определени 11 милиони евра за проекти од областа на екологијата, животната средина и енергетика. Тоа беше планот, но реализација нема бидејќи таква програма во 2021 година ниту се донесе, ниту се објави, ниту пак се реализираше. Притоа, парите од граѓаните се потрошени, но никој не знае каде и за што.
Загрижува тоа што во Буџетот за 2022 година повторно се појавува ставката „Зелен развој“ за која овој пат се предвидени речиси 28 милиони евра. Уште повеќе загрижува тоа што повторно, и за оваа сума, нема никаква програма, односно нема никакви дополнителни ставки кои ќе се однесуваат на одредени проекти. Образложението за ова е дека Владата ќе ја донесе програмата за „Зелен развој“ по донесувањето на Буџетот за 2022 година.
Апелираме до сите пратеници во Собранието на Република Македонија заеднички да побараме од Владата во најкус можен рок, поточно пред почетокот на собраниската расправа за Буџетот за 2022 година, да ја достави предлог програмата со наслов „Зелен развој“ за која се предвидени 28 милиони евра. Со оглед на тоа дека оваа мистериозна програма се однесува на најважното нешто, а тоа е здравата животна средина и чистиот воздух, граѓаните имаат апсолутно право да знаат каде и како се трошат нивните пари пред истите да бидат одобрени“, изјави Велика Стојкова Серафимовска.






