По вчерашното усвојување на измените и дополнувањата на Законот за државјанство статусот на луѓето од поранешните југословенски републики кои до денот на прогласување на независноста живееле во земјава ќе се решава со приложување лични документи, извод од матична книга на родени, работна книшка, имотен лист, сметки за комуналии, здравствена книшка, платен данок и други слични документи. Овие лица ќе треба да добијат државјанство во рок од три години по стапувањето во сила на Законот.
Лидерите на Коалицијата Алијанса за Албанците-Алтернатива, им честитаа на сите за ова достигнување.
„Ќе ја искористам приликата да информирам и да ги повикам сите оние чие внимание најмногу беше свртено кон Законот за државјанство, а тоа се граѓаните кои досега немаа државјанство. Ја користам приликата да им честитам. За краток временски период тие ќе имаат право да аплицираат и на повеќето од нив ќе им биде потврдено државјанство, согласно законот кој штотуку го поминавме”, вели Зијадин Села.
„Со овој закон не добија само Албанците, туку и сите останати граѓани кои беа лишени од ова елементарно право. Наш фокус не беше да ставиме во функција етнички права, иако повеќето Албанци беа дискриминирани”, посочи Африм Гаши.
Законот беше во процедура со европско знаменце, а е изгласан со 57 гласа „за” и 32 „против”.






