петок, 1 мај 2026

Од Авганистан во државава ќе бидат преземени 650 граѓани

Објавено на

часот

Сподели

Тоа го соопшти владината прес-служба по денешниот координативен состанок што се одржа во Владата во организација на премиерот Зоран Заев со сите вклучени чинители во големата хуманитарна меѓународна мисија за спасување на цивилно мирољубиво население од Авганистан.

На состанокот биле разгледани сите оперативни аспекти во врска со привременото сместувањето на лицата во хотели и мотели, до трансферот до нивните крајни дестинации како што се САД или трети земји, за што трошоците ќе бидат покриени од меѓународните организации.

Премиерот Заев, стои во соопштението, ги информирал присутните дека последното прифатено барање за обезбедување помош за спасување и прифаќање граѓани е дадено на Меѓународната асоцијација на новинари (IFJ) за 15 новинари, медиумски работници и членови на нивните семејства, со што вкупната бројка на медиумски работници и членови на нивни семејства кои ќе бидат згрижени во нашата земја ќе достигне над 80.

„Нашата држава и нашето општество имаат и капацитети и начин на организираност и високо изразено чувство за солидарност и сите ние заедно ќе покажеме и пред демократските пријатели од Авганистан, и пред целиот свет и пред себеси дека во ваквите кризни хуманитарни ситуации не постои поинаков одговор освен веднаш да се помогне со сите капацитети на располагање – спасуваме миротворно население кое 20 години ја негуваше демократијата во Авганистан и кои беа помош и поддршка и на нашата Армија во мировните мисии таму“, рекол премиерот Заев.

Во лично и во име на Владата изразил огромна благодарност до сите организации и институции кои, наведуваат од Владата, се вклучени во оваа глобална живото-спасувачка мисија во која Северна Македонија се вклучува како предводник заедно со неколку земји од регионот и со своите сојузници од НАТО, a со која се евакуираа сите македонски граѓани од територијата на Авганистан и со која се спасуваат граѓани од локалното население од демократските мисии во земјата.

Владината прес-служба наведува дека на состанокот од Министерството за надворешни работи, информирале дека во овој момент сите македонски граѓани се безбедно евакуирани од Авганистан и оти се очекува многу скоро да пристигнат дома во Северна Македонија. Од Министерството за внатрешни работи, пак, соопштиле дека ја обезбедуваат сигурноста на македонските државјани, но и на авганистанските државјани кои влегуваат во земјата од хуманитарни причини.

МВР, потенцираат од Владата, ги презема сите потребни активности кои се однесуваат на граничното работење, преминот на државната граница и останатите аспекти за регулирање на статусот и престојот на оваа категорија на лица во нашата држава.

Претставниците на Црвениот Крст на состанокот ги презентирале плановите за прифаќање и помош на граѓаните кои се очекува да пристигнат во следните денови.

„Црвениот крст заедно со останатите меѓународни организации ќе обезбедат соодветни информации, превод и комуникација со лицата согласно нивните потреби, основни средства и пакети за хигиена, како и задоволување на сите медицински потреби на лицата во координација со Министерството за здравство, како и средства за комуникација и одржување на работните потреби на луѓето, рекреативни активности и активности за целокупна поддршка на луѓето и децата во овој период“, стои во соопштението.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ