Николовски, кој од Владата е задолжен за борба против корупција, одржлив развој и човечки ресурси рече дека законското решение е во финалната фаза, а дека работната експертска група е формирана од неговиот кабинет и од Советот на Европа.
Со ова законско решение, рече Николовски, за прв пат се воведува контрола на капиталот, со што се отвора патот за конфискација на нелегално стекнатиот имот и се спречува незаконско богатење врз грбот на граѓаните.
На законските одредби ќе подлежат сите граѓани, не само функционерите, вели Николовски.

„Одредбите предвидуваат уште една крупна антикорупциска мерка, а тоа е увид во имотната состојба на поранешните функционери. За разлика од сегашната обврска избраните и именуваните лица да поднесуваат анкетен лист за имотната состојба додека трае нивниот мандат, ваквата обврска сега добива поширок опфат во смисла на времетраењето на увидот во имотната состојба. Една од новините во драфт законската верзија е што испитување ќе се врши и доколку имотот е префрлен на трети лица“, рече тој.
Инаку, предлог-текстот е креиран од работна група која ја сочинуваат претставници на Советот на Европа, Јавното обвинителство за гонење организиран криминал и корупција, претставници на сите институции вклучени во борбата против корупцијата и правни експерти. Од законското решение ќе произлезат одговорности и ингеренции за Управата за јавни приходи, Управата за финансиско разузнавање, Министерството за внатрешни работи и Јавното обвинителство за гонење организиран криминал и корупција.






