Мицкоски се обрати на партискиот собир во Штип за да ги промовира, како што соопштија од партијата, политиките во врска со локалната самоуправа.
Величејќи ги имињата на Тодор Александров, Емануел Чучков, Михајло Апостолски, Никола Кљусев, Киро Глигоров…, сите родени во Штип, рече дека такви луѓе во историјата не се повторуваат.

„Иване!!! Не ги споменувам овие имиња за да предизвикам некаква наивна емоција, туку да ти предочам каков само габаритот на Штип, Македонија и обврската да се служи на народот. Одговорноста кон овие имиња и нивното дело е огромна, но и одговорноста е за сегашноста и иднината е уште поголема.
И јас како и секој еден нормален човек со чувство на гадење гледам на политиката за жал во Македонија, но надополнето со едно друго длабоко и јасно чувство дека не сме сите исти и дека на нас, на оваа генерација Иване е товарот да ги промениме работите. И да кажеме доста беше!“, пишува Мицкоски во писмото до Јорданов, што го прочита на собирот.
Му порача да не дава брзи маркици за градба, а ако му дојдел таков моќник со куферче „веднаш да го избркаш така силно што никогаш друг пат нема да му текне да направи таков нечесен потег, и да го поздравиш со пријава до полиција. За памет да не им текне на сите идни да ти се доближат со такви идеи“.
„Не смее веќе зеленилото да се заменува со бетон. Кога ќе се гради, треба да се гради паметно и со план за иднината. А, од зеленило, дрва, паркови никогаш доста. Мора Иване да ги има повеќе.
Да посветиш Иване внимание на лицата со посебни потреби. Нашата држава си поигрува со нивната тешка судбина, ти треба да бидеш нивниот глас за нивните права.
Кон трошењето на парите во општината мора да имаш пристап како кон свои пари. Грижливо и штедливо. На секој ставен залак Иване на уста на сметка на граѓаните, знај дека има пола милион луѓе во државава што живеат во потполн глад. Запамети го ова.
За 4 години не смее да има урбано место кое нема да има канализација, водовод кој се гради за да има пристојни услови за живот. А, не како сега. Кофите на рамо по свежа вода, ама важно полна им е устата со Европа, а недела го прогласиле за неработен ден, во услови кога 60 илјади наши сограѓани останаа без работа. Четири години нов автопат нема изградено, освен оние кои ги наследија од времето на ВМРО-ДПМНЕ. Не смее да има поголемо населено место без нов асфалт.
Мора да се бориш за секое работно место, и да носиш нови инвестиции.
Мора Иване да бидеш транспарентен и достапен, а не како сега, да се гледаат градоначалниците само по ток шоу емисии или по кафеани и ресторани.
Сѐ што ќе ветиш, да оствариш, и повеќе од ветеното.
Немој да заборавиш никогаш, никогаш, ама баш никогаш немој да заборавиш, ти му служиш на народот, а не тој тебе, и не си Господ“, се пораките од Мицкоски кој додаде дека „тие работи треба да ги запамети и Иван и секој градоначалник на ВМРО-ДПМНЕ.






