четврток, 30 април 2026

Мицкоски апелира на мобилизација на сите сили на државата

Објавено на

часот

Сподели

„Состојбата на терен е пресложена и пресериозна. Делови од Македонија се зафатени од сериозна огнена стихија, а народот е оставен сам на себе да се спасува кој како може, умее и знае. Имаме целосно, целосно потфрлање на системот кој нефункционира. Власта уште еднаш покажа во пракса дека Македонија не е на сите луѓе. Никој веќе не бара одговори, туку бара одговорност“, рече Мицкоски.

Тој упати апел до владините институции да го прават тоа за што се платени, да му служат на народот.

„Граѓаните се исплашени и под притисок. Имаат чувство дека се оставени на цедило. Сакам да направам јасна разлика и да потенцирам дека народот, пожарникарите и службите кои се на терен и помагаат, ја имаат мојата помош и поддршка, но она што недостасува е отсуството на институционално раководење со тие сили“, рече тој и издвои неколку заклучоци и предлози до власта, наглсувајќи дека неговата партија е во целосна мобилизација и дека сите раководства на партиските структури се на терен и дека помагаат.

„Апелирам да се формира централно кризно тело, а не ова што го има сега државата. Знам дека од Владата ќе одговорат дека веќе има такво, но тоа е далеку под просечно се справува со кризата. Колку животи и имоти треба да се уништат за да владата се уозбили и наместо циркузанти кои кршат керамиди со оваа деликатна работа да се зафатат стручни луѓе и тим од професионалци. Мора да се ангажираат најдобрите експерти и да се искористат најдобрите човечки потенцијали“, рече Мицкоски.

Тој повика во најкус можен рок и Собранието да заседава на посебна собраниска седница каде ќе се разгледува точка со информација за последните случувања со пожарите во Македонија, со цел, како што рече, да се изнесат слабостите за да се најдат решенијата.

„Недозволиво и во најмала рака невкусни се коментарите кои ги даваат институциите „ако видите пожар, оставете да гори, Владата ќе ви плати”. Јасно е дека Владата е неспособна, и таа треба час поскоро да замине“, оцени Мицкоски.

Тој упати критика до власта и СДСМ за политичките етикети според кои тој е „пироман“

„Нема да останам ниту рамнодушен на оние странични монструозни лаги кои доаѓаат од еден ист центар, СДСМ, дека опозицијата разгорува пожари. Останувам згрозен како човек и со чувство на гадење гледам на злобата на власта што е доказ само за тоа колку се неспособни да делуваат и помагаат за сметка на тоа колку се способни да лажат и измислуваат. Ги жалам таквите ликови“, нагласи Мицкоски и рече дека на терен, во рамки на можностите, партијата ќе помогне на населението со намирници и вода.

Попладнево Мицкоски со сопартијците донесе камион полн со флаширана вода како донација за жителите на Будинарци. И самиот лидер на ВМРО-ДПМНЕ учествуваше во истоварот на шишињата.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ