петок, 1 мај 2026

Македонско-бугарскиот дијалог е повторно на сила, ја враќаме довербата, порача Заев од Виена

Објавено на

часот

Сподели

„Ја враќаме довербата меѓу двете држави, македонско-бугарскиот пријателски дијалог е повторно на сила .Западен Балкан е преморен од историски недоразбирања и затоа ние, како совермени политичари, треба да гледаме напред и да бидеме насочени кон решенија“, рече Заев.

Според него, секој разговор за иднината на Европа без автентичното место на Западен Балкан, е бесмислено, а европската перспектива мора да го победи евроскептицизмот.

Заев ја повтори пораката што претходно ја искажа на пленарната сесија на Самитот – 2021-ва да биде година за паметење во која ќе биде направен силен искечкор напред со почеток на преговорите за Северна Македонија и Албанија, јасен европски прогрес за Србија и Црна Гора, како и чиста европска перспектива за Косово и БиХ. Така, напомена, ќе се испрати силна порака до граѓаните на регионот дека Западен Балкан е нераскинлив дел од ЕУ.

„Оваа дебата се случува во клучен период од повеќе причини кои постојат и во ЕУ и во регионот. Утрово слетав во Виена од Софија каде вчера со премиерот и претседателот, Јанев и Радев, направивме голем европски исчекор. Ја враќаме довербата меѓу двете држави и нашите многу блиски, братски народа. Македонско-бугарскиот пријателски дијалог е повторно на сила. Верувам дека низ овој процес Западен Балкан на Европа наскоро ќе и донесе нова позитивна вест и барам поддршка од сите вас на тој пат“, подвлече Заев.

Тој потсети дека во март лани Советот на ЕУ едногласно даде зелено светло за почеток на преговорите со Северна Македонија и со Албанија.

„Вклучително и Бугарија потврди дека нашите резултати и капацитети и нашата подготвеност се неспорни. Затоа бараме, ЕУ да ја исполни својата фундаментална обврска и да ги препознава и чува како непроценливо богатство историските и идентитекските различности на нациите на европскиот континент“, рече тој.

Според него, постојат јасни докази дека во земјите кои се сериозно ориентирани кон ЕУ реформите носат конкретни придобивки за граѓаните и го подобруваат квалитетот на животот. Северна Македонија е добар пример за тоа. Владата на РСМ, дополни, останува на истиот стратешки колосек – испорача полноправно членство во НАТО, ќе ја придвижи земјата и кон ЕУ.

„Сега имаме солидна поддршка за политиката на проширување и јасна перспектива на ЕУ за Западен Балкан која мене лично ми ја потврдија повеќемина европски лидери и сите највисоки претставници на ЕУ за време на моите неодамнешни посети на Брисел и другите европски престолнини. Затоа, сега е многу важно, и во пресрет на конференцијата, иднината на Европа, политичките гласови за вредностите на обединета Европа, како во земјите-членки, така и во земјите за прочирување, да бидат многу погласни“, истакна Заев.

Тој уште еднаш повтори и дека јасната перспектива на земјите од Западен Балкан за остварување на нивните цели за членство во ЕУ значат одржување и засилување на темпото на спроведување на реформите на нивните општества.

Заев на Самитот учествуваше на покана на австрискиот канцелар Себастијан Курц, а беше придружуван од вицепремиерот за европски прашања Никола Димитров.

 

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ