„За толку граѓани Владата презема обврска да обезбеди сместување и да ги згрижи, да помогне полесно да го поминат овој период додека се тука 90 дена. Во однос на хотелите, тоа е обврска на меѓународните организации кои ги покриваат трошоците“, истакна Арсовски.
Инаку, како првична изјава по кризата на аеродромот во Кабул премиерот Зоран Заев рече дека ќе бидат згрижени од 450 до 500 Авганистанци, а потоа од Владата беа давани изјави за прием на 643 лица од таа земја кои работеле за НАТО, во невладиниот сектор и во медиумите, како и за нивните семејства.
Советникот за надворешна политика во Владата, Едмонд Адеми пред неколку дена во гостување на Сител телевизија изјави дека Македонија ќе прими 643 лица, оценувајќи дека земјава „може да прифати до 1.800 лица од Авганистан, претежно интелектуалци“.
За сите Авганистанци кои ќе пристигнат во земјава ќе им биде даден привремен престој од 90 дена, а според најавите, некои ќе заминат во друга земја истиот ден, а повеќето тоа би го сториле во рок од две недели. Доколку некој од нив побара политички азил, барањето ќе биде разгледувано по истите процедури кои законски важат за кој бил граѓанин од светот.






