четврток, 7 мај 2026

И денес имаме револуционерна, авангардна македонска ликовна уметност, оцени претседателот Пендаровски

Објавено на

часот

Сподели

„Не само заради моментната инспирација од овие импозантни дела, околу нас, на нашата модерна и современа уметност, транс-историските аспекти на постоењето на уметничкото творештво можеме да го согледаме низ целокупното постоење на ДЛУМ. Имено, стиловите кои ги втемелуваат неговите основачи, Личеновски, Мартиноски, Поповиќ-Цицо, Владимирски, Белогаски и многумина други, како и оние на денешната, актуелна уметничка продукција, претставуваат потпорна точка од која произлегува фактот дека нашите уметнички креации се рамноправен репрезент на светските струи во уметноста. Авангардата на македонската ликовна уметност е револуционерна за времињата кога се формира ДЛУМ, но, актуелна е за денешните, а ќе биде и за сите идни генерации“, рече Пендаровски во своето обраќање.

Тој оцени дека низ историјата на ДЛУМ може да се увиди дека визуелните уметности, во сите нивни многубројни форми и изрази, низ целиот 20 век, па сѐ до денес, се единствените од сите гранки на уметностите кои се во динамична промена, налик на динамичните промени на целиот социо-културен и политички пејзаж.

„Тие промени се технолошки, но, и естетски. И преку нив, еве и овде, низ оваа ретроспектива посветена на 75 годишнината на ДЛУМ, осознаваме дека уметноста низ разни техники реагира и укажува на општествените финеси, аномалии, се разбира и на доблестите. Дискурсот кој го нуди уметноста е клучната алатка која може длабински и суптилно да навлезе во проблематичните, но и во прогресивните општествени перспективи. А при тоа, уметниците никогаш да не ја напуштат својата автономија. Низ историјата на ДЛУМ прилично транспарентно може да се согледа општествената инфраструктура на нашиот културен и уметнички развој. Историјата и актуелната вредност на ДЛУМ се наследство кое трае и отвора нови хоризонти. Со тоа, ДЛУМ останува да биде едно од најзначајните јадра на културните политики, кои треба внимателно да ги развиваме“, рече Пендаровски.

Претседателот оцени дека само со јасни стратешки определби за градењето на културните политики, можеме да го развиваме нашето културно наследство во една нова, конструктивна и креативна критичка перспектива, што е основата врз која се создава и актуелната, живата култура.

„Овој јубилеј на ДЛУМ, треба да биде поттик и поука за тоа како треба секој човечки влог, настанат во специфични идентитетски, економски и социо-културни околности, да се документира, негува, култивира и развива понатаму како отворена структура за новите парадигми во културата, уметноста и генерално, во општеството“, рече претседателот на Македонија Стево Пендаровски.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ