Тој, на денешниот настан, еден во низата случувања по повод одбележувањето на 20-годишнината од Охридскиот рамковен договор, рече дека употребата на албанскиот јазик е еден од столбовите на Охридскиот договор, додавајќи дека сите се сведоци
дека во Влада се зборува албански јазик, секој ден во Собранието се зборува албански, како и во канцеларијата на претседателот на државата.
Во рамки на денешниот настан, што беше организиран од страна на Агенцијата за примена на јазикот, беа врачени сертификати на преведувачи на албански јазик кои работаат во државните институции.
Министерката за образование и наука Мила Царовска, по тој повод истакна дека како Влада покажале оти посветено работат да создадат образование коешто се грижи за сите ученици и кое што нуди можност секој ученик да учи на својот мајчин јазик, не само да учи, туку и да дискутира за културата на другите коишто живеат блиску во неговата заедница.
„Ако заедно чувствуваме дека припаѓаме на оваа држава, дека заедно се бориме за нејзината иднина и за нејзината благосостојба, како и на секој граѓанин, тогаш навистина можеме заеднички да постигнеме многу повеќе. Новата концепција за основно образование, токму тоа го предвидува. За прв пат во основното образование во нашата држава се поставуваат три вредносни столбови. Еден од клучните столбови е интеркултура, како заеднички да создаваме граѓани кои што се грижат едни за други, коишто учат и зборуваат на својот мајчин јазик и сите заедно придонесуваат кон развој на државата и економски и социјален“, изјави Царовска.






