Евроамбасадорот вели дека сите во ЕУ се посветени кон заедничко изнаоѓање решенија што ќе доведат до отворање на пристапните преговори на замјата што е можно побрзо.
На прашање да даде коментар за реториката на одделни бугарски политичари, како и на европратеникот од Бугарија Ангел Џамбаски кој Македонија ја нарече „бугарска земја“, Гир рече дека кога станува збор за добрососедските односи, важно е политичарите да се воздржани во изјавите.
„Што се однесува до забелешките дадени од извесни политичари на други земји и пратеници од земји членки, јас нема да коментирам за тоа, не е тоа во мојата пракса. Но, важно е да се воздржуваме секогаш кога станува збор за добрососедски односи. Тие се навистина важни и затоа политичарите мора да се воздржуваат во таа насока“, рече евроамбасадорот Гир на прес-конференцијата по повод потпишувањето на договор за поддршка на претпријатијата во износ од 100 милиони евра од Европската инвестициска банка (ЕИБ).






