Според Апасиев, нивните анкети велат дека Георгиевски ќе влезе во вториот круг од изборите за Скопје, а потоа дека ќе размислуваат за тоа каква стратегија да се преземе.
На прашањето како смета да ги придобие гласовите на Албанците имајќи ги предвид ставовите на Левица, Георгиевски рече дека не станува збор за антиалбански ставови. За себе, пак, рече дека тој никогаш не правел разлика меѓу луѓето, за што сведочи и неговата и уметничка и професионална работа и дека има и Албанци меѓу најдобрите своипријатели. Не бил член на ниту една партија, не е член ниту на Левица, но му одговара поддршката, бидејќи не мора да се малтретираат луѓе за да се собираат потписи.
Трошоците на градската управа ќе ги сведе на минимум, ќе се возат велосипеди, во најдобар случај можно е и автомобил на струја. За Градот ќе посвети многу проекти поврзани со спортот и рекреацијата, а во план му е и многу работа во сферата на културата.
Апасиев рече дека ставот е да не се влегува во коалиции со никого пред избори, а после избори може да се преговара.
„Меѓутоа тоа е за мнозинство во Советот, каде нашите анкети велат дека ќе имаме десетина советници од Левица, доста респектабилна бројка. Априори ние не преговараме со никого, ниту со СДСМ, ниту со ВМРО, ниту со ДУИ или Алијанса/Алтернатива, тие веќе си направија коалиции. Ние пред избори формално не коалицираме со никого, имаме посебна програма и со неа сакаме да ги придобиеме гласачите“, рече Апасиев.
Инаку, Левица на локалните избори ќе учествува со максимум десетина градоначалници и околу 40 листи за советници.






