недела, 10 мај 2026

Филипче: Македонскиот идентитет не го загрозуваат малцинствата во Уставот

Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, на денешната прес-конференција изјави дека македонскиот национален идентитет не е загрозен од вметнувањето на малцинствата во Уставот, туку од криминалот и корупцијата.

Објавено на

часот

Сподели

Тој обвини дека власта предводена од премиерот Христијан Мицкоски намерно ја изолира државата од Европа со цел, како што рече, да ја зачува „криминалната банда на власт“.

„Вметнувањето на малцинствата во Уставот со цел да се почитуваат нивните права не е загрозување на македонскиот национален идентитет. Напротив, тоа е зацврстување на нашиот национален идентитет. Кога малцинствата се дефинирани и гарантирани со највисокиот правен акт, тоа не нè слабее, туку нè прави посилни и ја зајакнува кохезијата во општеството, рече Филипче.

Според него, единственото што е загрозено со уставните измени е, како што рече, „криминалната група на ВМРО и Христијан Мицкоски лично“.

Филипче оцени дека продолжувањето на европскиот пат значи примена на европски закони, европско јавно обвинителство и крај на, како што наведе, наместените тендери и партискиот грабеж на државни пари.

Тој додаде дека власта свесно ја блокира европската иднина на земјата за да ги зачува сопствените политички и економски интереси.

„Македонскиот идентитет е најсилен кога е дел од Европа, а не кога е затворен во изолација и сиромаштија“, истакна Филипче.

Одговарајќи на новинарско прашање за новиот бугарски премиер Румен Радев, Филипче рече дека Македонија нема посебна работа со Бугарија, туку со Европската Унија.

„Ние треба да исполниме европски барања и договори што ги изгласале сите земји членки на ЕУ, вклучително и Бугарија“, рече тој.

Филипче повтори дека македонскиот идентитет и јазик не се загрозени и обвини дека власта ги користи овие теми како изговор за задржување на власта.

Тој посочи дека во Преговарачката рамка стои македонскиот јазик и оцени дека со изгласувањето на рамката, бугарскиот парламент практично го признал македонскиот јазик.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ