„Кога ја добив поканата за денешната прослава, прво што се запрашав е дали може овој Охридскиот договор да го оцениме како кавлитетен. Доколку погледнеме во реализацијата на тогашните цели кои беа поставени пред Владата и меѓународната заедница, а првата беше да се сопре насилството, ќе речам дека е тоа успешен договор и сакам да им одадам почит на учесниците во преговорите”, рече Фејт.
Дипломатот нагласи дека на преговарачите не им било лесно, но дека пред себе ја имале задачата конфликтот да застане и да се постават темели за опоравување на државата и за реформи кои ќе водат кон стабилност.
„Особено сакам да оценам дека Охридскиот договор стана успешен благодарение и на лидерството на тогашниот претседател Борис Трајковски и на неговиот тим. Некои од тие личности и денес се активни во политиката и општеството, а еден од нив, Стево Пендаровски, е токму на највисоката позиција во оваа држава”, нагласи Фејт.
На прашањето дали се поставени цврсти темели за траен мир во земјава Фејт рече:
„Меѓународната заедница не е соодветна да даде одговор на тоа прашање, но јас на луѓето во земајва им одавам големо признание. И да, јас лично сметам дека ќе има мир. Затоа што Охридскиот договор е квалитетен договор. Тој остана клучниот договор за помирувањето. А потоа, Преспанскиот договор, внесе дух на помирување во целиот регион”.
Тој своите размислувања ги објасни и со еден инсерт од својата мисија. Во 2001 година бил во Шипковица на разговори со водачот на ОНА Али Ахмети. Го запрашал што ќе прави кога конфликтот ќе заврши.
„Ми одговори дека ќе се кандидира за пратеник и дека ќе биде лидер на политичка партија. Не му реков дека е голем оптимист и дека е тоа тешка мисија за која е потребна голема одговорност. Но, тој успеа, а тоа во тие времиња, ми даде основа да верувам дека има темели во земјава за мир”, рече Фејт.
Според него, по Охридскиот договор има забележлив процес во светот, приоритет во превенирање на конфликти да не им се дава на испраќањето на странски војници, туку на посредници кои ќе иницираат дијалог, процеси на преговори, на обиди за помирување.
„Денес има уште една алатка за превенирање на конфликти. А тоа е следење на социјалните медиуми низ кои може да се насети дали едно општество, еден регион, се движи кон кофликт”; рече Фејт.
Навраќајќи се на Охридскиот договор, кој донесе прекин на огнот и разоружување на силите на ОНА, рече дека останале и други обврски за унапредување на правата на Албанците, но кои се реализирани или се во фаза на заокружување. Фејт оцени дека со амандманите за употреба на јазиците се оди кон комплетна имплементација на Охридскиот договор што е „фантастичен заклучок кој може да се каже токму на одбележувањето на годишнината од неговото потпишување”.






