четврток, 30 април 2026

ЕУ и МВР се согласија дека стариот прифатен центар за странци во Гази Баба треба да се замени со нов

Објавено на

часот

Сподели

За овој проект, велат од Делегацијата на ЕУ во Македонија, бил распишан меѓународен тендер на кој најдобри услови понудила албанската компанија Брегу.

„Новиот објект ќе биде прифатен центар за странци кои имаат нерегулиран престој во земјата, странци кои чекаат документи за натамошен транзит и за лица кои бараат азил во Северна Македонија. Намената на овој објект е да се замени постоечкиот прифатен центар за странци во Гази Баба каде што условите за живеење се под секој минимален стандард“, велат за МКД.мк од Делегацијата на ЕУ во Македонија.

МВР веќе објави дека тука не се работи за бегалци, дека во Македонија веќе функционираат транзитните центри за бегалци во Гевгелија и Табановце.

„Прифатниот центар за странци е наменет за привремено задржување на странци во случаи кога се исполнети условите содржани во одредбите на Законот за странци, односно за сместување на странци кои не можат да се отстранат од територијата на државата во рок од 24 часа, од кои било причини, па се сместуваат во него во период од неколку дена, додека да се создадат услови да биде отстранет од земјата.

Моментално во прифатниот центар се наоѓаат 11 лица, од кои девет мажи и две жени (Гамбија -3, Косово -3, Пакистан -2, Сенегал -1, Турција -1, Португалија -1). Најчесто станува збор за сезонски работници на кои им истекла дозволата за работа или престој, забавувачи во угостителските објекти без пријавен престој во државата, лица кои се затекнале тука без документ за идентификација… Капацитетот на новиот центар е 160 лица“, велат од МВР.

Најголем број на привремено задржани лица на годишно ниво бил регистриран во периодот од 2013 до 2016 година, потоа се намалува и во 2020 година (119 лица во текот на целата година, кои останале по неколку дена во Центарот) бележиме најмал број на привремено задржани лица, појаснуваат од МВР.

Пренамената на прифатниот центар за странци во 2006 и привременото задржување на странци согласно Законот за странци, според МВР, побарува објект од затворен тип во кој привремено се задржуваат лица и потребно е да поседува инфраструктура која ќе оневозможи самоодалечувања на задржаните лица, нивно соодветно сместување по категории, дополнителни простории и безбедносни елементи, да има лесен и брз пристап до објектот…, а истовремено да се овозможат сите меѓународни стандарди за сместување.

Проектната документација, односно целосната постапка околу јавниот повик, финансирањето, изведбата и надзорот на овој ИПА проект, за кој се обезбедени 1.470.724 евра, е во надлежност на Делегацијата на ЕК, а МВР е само корисник.

„Станува збор за еден единствен објект на соодветна локација надвор од населено место, во близина на обиколницата, на неколку километри оддалеченост од населеното место Бардовци. Тој е со ист капацитет како постојниот, кој во целост ќе биде усогласен со меѓународните норми и стандарди, по примерот на исти вакви центри во земјите од регионот. Сместен на североисточната страна од локацијата КП 35, затворен со свој двор, сообраќајници и пристапи, односно затворениот простор е со опфат помал од 20% од целокупната локација која е на располагање“, информираат од МВР.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ