петок, 1 мај 2026

Една економија, без царини, без задржувања на границите и со сто отсто слободна трговија е целта на „Отворен Балкан“

Објавено на

часот

Сподели

Според нив, Иницијативата ќе нé направи подобри и ќе ја направи Европа подобра. Иницијативата не е ограничена само на трите земји и секоја друга држава од опкружувањето е добредојдена и може да се вклучи ако сака.

Ако работите одат со предвидениот тек, земјава во 2023 година практично нема да има граници со Албанија и Србија.

Лидерите на трите земји потпишаа договори за Заедничка реакција на природни и други катастрофи, Дозвола за граѓаните да работат во трите држави и за Помош за стоките да се движат без непотребно одложување.

„Нашата цел е да имаме заеднички пазар, една економија, без граници – 100 отсто слободна трговија, нула царини, нула пречки за движење на граѓаните, нула бариери за стоките, услугите и сервисите, нашите земји да ја имаат европската слобода во нашиот регион“, истакнаа лидерите на трите земји и додадоа дека политичките прашања многу полесно се решаваат кога се обединети економиите и деловните заедници.

Посебно внимание, како што рекоа на завршната конференција, ќе се посвети на две иницијативи.

„Прво, ќе се осигураме дека нашите луѓе ќе можат да работат каде било во нашите земји во претстојните месеци. Очекуваме чекори кои треба да бидат развиени од нашите влади и да бидат спроведени, онаму каде што е возможно, пред нашата средба во октомври. Драго ни е што Стопанските комори ќе започнат програма со која ќе се помогне на бизнисите и на работниците да се пронајдат едни со други во регионот, па така, оваа програма веднаш ќе создаде можности“, порачаа тројцата лидери.

Освен тоа, ќе побараат од министерства да работат заедно на системот за споделување информации во врска со ДДВ – конзистентен со системите што се користат во ЕУ – со цел товарните возила да не сопираат на границите во рамките на Балканот. Камионите сé уште минуваат повеќе време на нашите граници отколку на нашите патишта.

 

„Ние сме Европејци и нашата иднина е европска. Остануваме посветени на Берлинскиот процес и нашата европска перспектива. Нашите влади се посветија на спроведување на четирите слободи и единствениот регионален пазар, последно на Самитот во Берлин на 5 јули. ‘Отворен Балкан‘ се надградува на истата визија, како и заедничкиот регионален пазар и ги покануваме другите страни во регионот да ни се приклучат кон забрзувањето, спроведувањето и исполнувањето на нашите регионални обврски. ‘Отворен Балкан‘ е демонстрација на напредокот што може да го постигнеме сами. Иако перспективата за пристапување кон ЕУ останува катализатор во нашата регионална соработка, ние не треба да чекаме секое прашање да биде решено или Европа да дојде до консензус со цел да ги подобриме животите на нашите луѓе. Во тој дух, ги покануваме сите наши колеги на Западен Балкан да ни се приклучат кон нашите иницијативи, правни инструменти и практични проекти како што се овие“, рекоа тројцата лидери.

Заев, Рама и Вучиќ на стопанствениците им порачаа дека „Нула минути на граница“, е нивната цел, а на економскиот панел во рамки на Регионалниот економски форум, бизнис заедницата укажа и на потребата од воведување една работна дозвола.

„Без нула минути не можеме да бидеме конкурентни во ЕУ. Од друга страна, скоро 40 проценти од компаниите се жалат на проблеми да најдат квалификувана работна сила во сопствениот систем. Затоа, не треба да се поедностават само процедурите за работни дозволи, туку треба да се воведе една работна дозвола. Значи, бараме нула минути на граница и една работна дозвола“, истакнаа стопанствениците.

Според нив, мора да се создаде перспектива – младите да бараат работа дома, во регионот, наместо да заминуваат надвор.

„Од 2012 до 2019 година 350.000 лица ги напуштиле нашите земји, емигрирале. Мислам дека можеме подобро од тоа. Ако зборуваме за перспектива, треба да зборуваме за давање можност да работат блиску до дома, до своите семејства“, порача деловниот сектор.

Заев соопшти и неколку иницијативи кои се предлог на бизнис заедницата, но за кои, вели, постои огромна политичка волја да се реализираат. Најави отворање посебна лента за камиони, поврзување на министерствата за финансии на сите три земји преку единствен софтвер, зајакната соработка и поврзување на МВР-службите за да се спречи еветнуална корупција и криминал при транспортот, увозот и извозот, како и поврзување на младите преку заеднички престој во хотели во некој од туристичките центри како Драч, Охрид, Копаоник, Златибор,… Со тоа, како што кажа, ќе се поттикне и туризмот, односно ќе се пролонгира туристичката сезона што ќе придонесе за јакнење на трите економии.

 

Според него, за да се отстранат стотиците камиони на Табановце, Прешево, Ќафасан, треба да направиме две работи – нашите министри за финансии да имаат софтвер кој ќе ги поврзе системите за ДДВ.

На Форумот беа повторени веќе искажаните заложби за т.н. четири слободи – слобода на движење на луѓе, добра, капитал и услуги.

Вучиќ кажа дека со „Отворен Балкан“ се отвораат големи, бескрајни можности кои се од полза за сите три земји и додаде дека „мораме да го оставиме минатото зад нас и да гледаме иднината, напредокот на животниот стандард на обичните граѓани“.

„Ова не е насочено кон никого, а тоа е единствената цел нашите граѓаните да живеат подобро, нешто што е свето. Секогаш ќе имаме противници на оваа идеја, кои не размислуваат на економијата на нешто долгорочно, кои размислуваат на следните избори и кои во се бараат некој недостаток…Ние ќе се обидеме и ќе дадеме се од себе. Едниот услов е довербата што ја имаме, а другиот е трите земји или влади да можат брзо да постигнат резултати, дали ќе можеме да ги надминеме сите слабости на нашата администрација или нема да можеме. Ако можеме да го сториме тоа на 1 јануари 2023 година – веќе нема да имаме граници меѓу нашите земји. Има граници, но нема граници за нашите граѓани. Одите од Белград до Тирана и никој нема да ве запре никаде“, рече Вучиќ во своето обраќање на Форумот во Скопје.

Албанскиот премиер Рама порача дека овој регион не може да продолжи да е заложник на минатото.

„Поделени сме ситни. Сакаме да се проектираме кон иднината преку оваа иницијатива која не измислува ништо ново. Она што ќе го правиме во ЕУ утре, почнуваме да го правиме денес и тука во регионот. Зошто би требало ние да чекаме затворени во нашите граници свртени грб со грб еден спроти друг како што тоа се случувало во минатите 500 години, бидејќи на крајот на денот оној момент кога ние ќе се интегрираме во ЕУ ќе го правиме токму ова што го правиме овде без ЕУ“, рече Рама.

Според него, нерешените работи помеѓу нас нема да се решат полесно отфрлувајќи и негирајќи го потенцијалот на ова здружување.

Политичко лидерство – тоа денеска можевме да го видиме на дело од премиерите Заев и Рама и од претседателот Вучиќ, оцени претседателот на Стопанската комора Бранко Азески пред почетокот на економскиот панел.

Северна Македонија, Албанија и Србија ќе промовираат сопствена зона за слободно движење и бизнис, соочени со одложување на членството во ЕУ, оцени лондонски „Фајненшал тајмс” во анализата посветена на Економскиот форум во Скопје.

„Лидерите на Србија, Албанија и Северна Македонија го критикуваат Брисел поради бавното темпо на проширување на ЕУ, најавувајќи дека ќе формираат своја сопствена зона за слободно движење и бизнис, додека чекаат прием во блокот“, наведува весникот.

 

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ