Членови на семејствата, преживеани резервисти, претставници на град Прилеп заминаа кон месноста Карпалак, на автопатот Скопје – Тетово, за да им оддадат почит на загинатите резервисти.
Делегации ќе ги посетат вечните почивалишта. а во 10 часот во црквата „Света Петка” во прилепската населба Точила ќе се одржи панихида за загинатите. На пладне е централното чествување пред споменикот „Карпалак” во центарот на Прилеп.
На централното чествување цвеќе ќе положи делегација на Собранието на Македонија, составена од пратениците Бисера Костадиновска-Стојчевска и Петар Ристески. додека пред спомен – плочата на Карпалак цвеќе ќе положат пратениците Марија Георгиевска и Александар Велјановски.
Чествувањата почнаа синоќа пред спомен-обележјето во прилепската касарна „Мирче Ацев” каде делегации положија цвеќе.
Синоќа беше соопштено дека во име на Владата надворешниот соработник за одбрана на премиерот, Драган Василевски, положил цвеќе на споменикот во касарната „Мирче Ацев” во Прилеп како и на спомен обележјето во село Лениште. Потоа овој владин надворешен претставник го посетил манастирот „Св. Петка”, каде се одржала вечерна богослужба.






