петок, 1 мај 2026

Длабока Река стана Светско наследство на УНЕСКО

Објавено на

часот

Сподели

Македонската локација е вклучена во проширеното транснационално подрачје „Букови прашуми во Карпатите и други региони на Европа”. Проширениот регион кој влегува во светското наследство сега се протега на 94 локации во 18 различни европски држави. Длабока Река во Северна Македонија им се придружува на локации во Албанија, Австрија, Белгија, Босна и Херцеговина, Хрватска, Чешка, Франција, Германија, Италија, Полска, Романија, Словачка, Словенија, Шпанија, Швајцарија и Украина кои добиваат заштита од УНЕСКО.

„Проширеното подрачје претставува извонреден пример на релативно недопрена, комплексна шума во умерената клима и е пример за широкиот спектар сеопфатни еколошки циклуси и процеси на чистите или мешаните европската бука низ различни услови во животната средина”, наведува УНЕСКО.

Длабока Река се наоѓа во територијата на Националниот парк „Маврово”. Таа е лева притока на Рибничка Река, која пак е десна притока на Радика. Извира под високите врвови на Кораб, формирајќи стрмна долина која претставува единственото место со алпска клима во Северна Македонија. На неа се наоѓа познатиот Корапски водопад, кој се јавува под врвот Мал Кораб во пролетните месеци со топењето на снегот.

Номинацијата ја иницираше Министерството за животна средина и просторно планирање и Јавната установа Национален парк „Маврово”, а е изработена со поддршка на Институтот за екологија од Клагенфурт и национални експерти.

Вчера УНЕСКО впиша уште пет други локации на Листата на светско наследство: Болоњските портика во Италија, Архитектурата на Јоже Плечник во центарот на Љубљана во Словенија, Карпестите предели на северен Велс, Паркот Ивиндо во Габон, како и Карпестите цртежи во Езерото Онега и Белото Море во Русија.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ