По првичното прифаќање на содржината на резолуцијата, СДСМ најави дека нема да ја прифати резолуцијата доколку во неа не биде внесено уставното име. Поднесен е и амандман од пратеници од владеачкото мнозинството за вметнување на додавката „северна“ во резолуцијата на ВМРО-ДПМНЕ. За СДСМ некористењето на уставното име е кршење на Уставот.
Премиерот Зоран Заев неодамна изјави дека не се работи за инает или за некаков каприц. „Се работи за принцип, се работи за Уставот. Недозволиво е премиерот, владејачкото мнозинство, институциите на системот да гласаат спротивно на Уставот. Тоа испраќа порака дека го дерогираме целиот систем. Уставот е донесен и треба да се почитува“, изјави Заев.
Христијан Мицкоски, претседател на ВМРО-ДПМНЕ очекува единство и широка поддршка на резолуцијата. „Ова единство ни е потребно за почеток на преговорите со Европската Унија, но, пред сè ќе се зацврстат државните позиции на Македонија. Во предлог-резолуцијата се бара должно почитување на меѓународното право, без никакво условување од едната или од другата страна и со почитување на достоинството на македонскиот народ, на автохтоноста на македонскиот народ и неговиот историски, јазичен, културен и религиски континуитет. Македонскиот јазик и неговите дијалектни разновидности имаат свој просторен континуитет и свој временски континуитет“, изјави Мицкоски.
„Македонскиот идентитет го црпи својот легитимитет од повеќевековните традиции, преданија, обичаи, колективна меморија, менталитет, јазикот, артикулираната свест за етнокултурната посебност, колективниот интегритет, почитта кон традиционалните религиски институции и наративот за припадноста на одреден географски и историски простор“, пишува во предлог-резолуцијата предложена од ВМРО-ДПМНЕ.






