„Солидарноста во овие тешки моменти како членка на НАТО ја покажавме. Низ историјата сме имале вакви ситуации и сме покажале дека знаеме да помогнеме“, рече Адеми.
Тој кажа дека сѐ уште нема точна информација кога ќе пристигнат странците, кои ќе имаат привремен престој во земјава.
„Кога ќе дојдат ќе зависи од безбедносната ситуација на терен, во и околу аеродромот во Кабул. Имаме воспоставено систем, преку кој добиваме листа со имиња и податоци за авганистанските бегалци, кои потоа се проверуваат во МВР и АНБ и не треба да се грижиме за безбедносен ризик. Лицата што ќе ги примиме се дел од угледни организации како ООН, Отворено општество, невладини организации за работа со жени, новинари и дописници од ББС, Њујорк Тајмс, студенти од институтот Хопкинс, уметнички и културни работници. Ги проверуваме сите поединечно, согласно со списоците што ги добивме. Сите овие ќе бидат процесуирани во САД или трети земји. Ние привремено ќе ги згрижиме додека им се извадат специјални мигрантски визи за во САД. Кај нас, согласно Законот за странци, ќе им се издава виза за престој до 90 дена“, изјави Адеми.
Според него, 80 отсто од бегалците што ќе дојдат веќе се вакцинирани против коронавирус.
Инаку, во моментов станува збор за бројка од 643 луѓе, иако, како што рече Адеми, можеме да прифатиме до 1.800 но сѐ зависи од ситуацијата во Кабул, односно колкумина ќе можат да се извлечат.
Тој уште додаде дека Европската унија порано или подоцна ќе сфати дека нивната улога е подеднакво важна за спасувачката мисија, бидејќи тие луѓе работеле за нивните амбасади.
„Верувам дека ЕУ ќе сфати дека има подеднакво одговорна улога за спасувањето на жените, децата и други категории на граѓани“, вели Адеми.






