На денешната прес-конференција тој кажа дека во Авганистан нема претставници на македонската држава, а дел од македонските граѓани кои работеа таму ја искористија можноста да заминат пред Талибанците да го освојат Кабул додека имаше комерцијални летови и заминале за Доха.
„Во изминатите 72 часа состојбата во Авганистан нагло се влоши и освен базите на НАТО и САД, целата територија на државата е под управа на новата талибанска власт.
Уште во јули е повлечен дипломатскиот и воен персонал, а во саботата е формирана работна група за оние кои се работно ангажирани и во моментов затекнати во Авганистан“, рече Османи.
Тој додаде дека е остварен контакт со компаниите каде македонските државјани работат за да се забрза евакуацијата, а испратени се и формални барања до земјите кои имаат присуство во Авганистан да асистираат во евакуацијата, при што повеќето одговориле потврдно.
„Во контакт сум со колегите од САД, Турција и Катар и постои брз канал за координација. Работната група е во постојана комуникација за нивно извлекување. 25 наши државјани се веќе на воениот терминал и со американски воен авион ќе бидат испратени во Доха, а останатите 25 што се во моментов на аеродромот се упатени на следниот лет. Има уште 25 лица во американската база во Кабул што е во непосредна близина на аеродромот, тие се на безбедно и се на листа на чекање за нареден лет. Немаме други регистрирани наши државјани на територијата на Авганистан и немаме повици за помош од граѓани“, информира Османи.






